Експертската јавност очекува Договорот за заедничко вложување меѓу грчката фирма Архиродон и АД ЕСМ да разјасни многу дилеми кои се отворија откако беше избран концесионерот за проектот „Чебрен“.
Деталите од него, очекуваат да дадат прецизни одговори на неколку според нив многу важни прашања а кои се однесуваат на тоа, кој и како ќе стопанисува со објектот, колкав процент од произведената електричната енергија ќе ја користи Македонија а колку ќе оди на слободен пазар и под кои услови.
За експертите кои ги консултираше „Локално“, недвосмислен е фактот дека изградбата на реверзибилната хидроцентрала Чебрен со капацитет од 333 MW е исклучително значаен проект за нашиот електроенергетски систем.
„Знам дека има многу дилеми и дискусии колку ќе чини, каков ќе е договорот, но од технички аспект овој објект многу ќе значи за нашиот систем. Со моменталната изграденост и со некои фотоволтаици и ветерни централи во најава, нашата мрежа ќе може да ги прифати новите обновливи извори на енергијано, но за поголем број треба да се размисли за доградба на трафостаници, нови далеководни линиии а ќе треба и нови хидроагрегати, гасна централа… Тие нема да можат да работат самостојно, им треба бекап, електрани кои би се вклучиле или исклучиле во зависност од потребите на потрошувачите“, вели за Локално универзитетскиот професор Антон Чаушевски.
Со оваа масовна изградба на фотоволтаични и ветерни централи, според него, потребен е хидрообјект за тоа некако да се амортизира во самата опертивна работа на целиот миксен производен систем.
„Тоа се позитивните работи. Таа електрична енергија ќе се произведе тука и ќе се ињектира во нашиот систем, но како тоа ќе биде решено финансиски е друго прашање, смета тој.
Придобивките од проектот за стабилизација на енергетскиот систем во државата се неспорни и за професорот Горан Рафајловски. Најголемата улога на централата Чебрен вели тој ќе биде да го стабилизира системот и не може да биде замена на РЕК Битола.
„Се работи за мултидисциплинарен проект кој има енергетска вредност но не во мегавати кои ги посакуваме во државата туку за стабилизација на енергетскиот систем. „Чебрен“ не се гради за да се подобри енергетската слика на Македонија, туку тука се работи за реверзибилна пумпна електоцентрала која ќе работи во две насоки. Едната насока е производство на електрична енергија во периоди на денови, месеци или години кога таа е скапа, а во друг период ќе работи како пумпна станица во која ќе се пумпа водата и ќе се носи во горното езеро. Не се работи за тоа дали ќе сме и натаму зависни од увоз или не, туку во моменти кога имаме испад на централа или се направи оптоварување, пик во некои денови, кога имаме огромна потрошувачка на енергија,тогаш може да игра голема улога во балансирање и покривање на тие потреби и на порамнување на пикот“, вели Рафајловски за „Локално“.
Најголемата употреба на „Чебрен“, истакнува тој, ќе биде во стабилизација на енегетскиот систем и нејзината првична улога, кога тој бил ангажиран, билаЧебрен- Галиште да ја игра улогата на урамнотежувач на енергетските односи или бафер во однос на атомската централа што требаше да се гради во Бугарија.
Чебрен ќе има огромно значење и во уристичка, спортска и еколошка смисла вели тој особено во делот на влијание врз животната средина и заживување на регионот околу Мариово, кој со години е запустен. Со овој мултидисциплинарен проект според него ќе се овозможи дополнителен економски стимуланс на регионот и вклучување на бројни компании од градежната и електроиндустријата.
Според најавите од Владата, во изградба на ХЕЦ Чебрен државата нема да вложи пари туку ќе ги заложи своите акции од ХЕЦ Тиквеш. Пари ќе вложи грчкиот инвеститор, компанијата ППЦ Архиродон, кој најпрво треба да добие дозвола за вода а потоа ќе следи потпишување на Договор за концесија во кој ќе стои дека Македонија ќе има 33% удел а со 67% ќе располага концесионерот. По 60 години од важноста на концесијата, целиот комплекс ќе остане на државата. Министерката Шукова деновиве уверуваше дека при склучуивање на договорот, ќе биде важно предност за користење на електричната енергија да има државата по пазарна цена, а потоа произведената струја да може да се дава на други потрошувачи.Според досега објавеното,грчкиот инвеститор за користење на водата од Црна река кај Мариово, ќе плаќа 1 % годишно од продадената електрична енергија .
Проектот за изградба на ХЕЦ Чебрен датира од шеесетите години на минатиот век, истиот беше дел од сите стратегии за енергетски развој и имаше 13 несупешни тендери за формирање јавно-приватно претпријатие. Избраниот понудувач има обврска во рок од три месеци да склучи договор за заедничко вложување и да основа акционерско друштво со АД ЕСМ, во кое АД ЕСМ ќе учествува со 33 % од акционерскиот капитал.Проценететата вредност на инвестицијата е околу една милијарда евра.
К.В.С.