Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ја напушти Белата куќа по вербалниот судир со американскиот претседател Доналд Трамп, кој го обвини дека е неблагодарен и немa почит кон САД.
Претставник на Белата куќа исто така објави дека прес-конференцијата на двајцата лидери е откажана. На прес-конференцијата требаше да потпишат и договор за користење на ретки минерали.
И Трамп и потпретседателот Џеј-Ди Венс го обвинија Зеленски дека е неблагодарен за тригодишната американска поддршка.
„Ви дадовме, преку глупавиот претседател, 350 милијарди долари“, рече Трамп. Тоа се околу 337 милијарди евра.
Колку дадоа САД за помош на Украина?
Според Програмата за мониторинг на поддршката на Украина на Институтот за светска економија, на Украина и биле доделени вкупно речиси 267 милијарди евра помош во последните три години, што е повеќе од 80 милијарди евра годишно.
Од вкупната сума, 130 милијарди евра (49 отсто) се наменети за воена помош, 118 милијарди евра (44 отсто) за финансиска поддршка и 19 милијарди евра (7 отсто) за хуманитарна помош.
САД испратија најмногу помош 64 милијарди евра воена и 50 милијарди финансиска и хуманитарна помош, но ако ја гледаме Европа во целина, тоа е најголемиот донатор со 70 милијарди евра финансиска и хуманитарна помош и 62 милијарди евра воена помош.
Падот на американската помош започна во средината на 2023 година, а тековите на помош беа значително намалени во текот на деветте месеци кога американскиот Конгрес го блокираше целото новиот закон за помош.
Генералниот инспектор на американската влада, кој ја надгледува помошта за Украина, на својата веб-страница наведува дека САД доделиле околу 183 милијарди долари помош за Украина до декември 2024 година. Од тоа, околу 83 милијарди долари се всушност исплатени. Бројката вклучува и средства кои биле потрошени во САД или испратени во други земји освен Украина.
Впечатливо на прв поглед, но…
Иако овие бројки изгледаат импресивно, вкупната сума е релативно мала кога се гледа во однос на БДП на земјите донатори, потсетува Ал Џезира.
Германија, Велика Британија и САД одвоија помалку од 0,2 отсто од БДП годишно за да и помогнат на Украина, додека Франција, Италија и Шпанија издвојуваа околу 0,1 отсто.
Германските даночни субвенции само за дизел гориво ги чинат даночните обврзници три пати повеќе од вкупната воена помош на земјата за Украина, пишува „Ал Џезира“.
Гледајќи го уделот на помошта во БДП на земјите донатори, источноевропските земји се во водство.
На почетокот на војната, воената поддршка за Украина доаѓаше главно од постоечките национални арсенали. Сепак, продолжениот конфликт ги исцрпи овие резерви, па воената помош во текот на 2023 и 2024 година сè повеќе доаѓаше од индустриското производство.
Оваа промена е особено видлива во Германија, каде што речиси три четвртини од воената опрема за Украина беше нарачана директно од индустријата, додека 48 отсто од воената помош на САД доаѓа од нови нарачки.
Обединетото Кралство повеќе се потпираше на постоечките залихи, па 22 отсто од помошта дојде од нови нарачки.