Уште во март беше објавено за поскапувањата во Грција, а „гирото од 4 евра“ ни послужи како илустрација за тоа колку ќе бидат овие цени кога заминувате на одмор кај јужниот сосед, затоа што со години во текот на летото плаќаме 2-3 евра за омилената брза храна.
„Цената на некои сендвичи од минатата недела поскапе за 30 центи, па така ќе биде и следната. Во тој контекст, ако некој продавал гиро по цена од 3,3 евра, следната недела ќе го продава за речиси четири евра“, изјавил за „GRTimes“ Михалис Епитропидис од Здружението на ресторани и кафулиња во Солун.
Грчкиот репортер пишува дека во некои делови на Атина и Солун, цената на гирото навистина ненадејно скокнала во последните недели поради зголемените трошоци за струја и состојки, па се движи меѓу 3,50 и 4 евра.
Минатата недела РТВ МАГ ги проверуваше цените во Паралија и излезе дека таму гиро пита се уште е 2,50 евра. Се разбира, цените сè уште варираат од место до место, но можеби ќе треба да го имате на ум тоа зголемување на цената при планирање на буџетот за летување.