Колони возила чекаат за влез во Грција

од Берта Китинска
355 прегледи

Граничниот премин Евзони  и покрај најавите на грчките власти до овој момент, се уште не е отворен, потврдија од дежурната служба на ГП Богородица.

Премиерот Зоран Заев синоќа објави дека денес Грција ќе го отвори граничниот премин Евзони за влез на наши граѓани.

„Имавме одлична работна средба со премиерот на Грција Мицотакис. Ме извести дека почнувајќи од утре, 14 мај 2021, се отвора граничниот премин Евзони за сите граѓани на Северна Македонија што имаат негативен ПЦР-тест, писмен доказ за примени две дози вакцина против ковид-19 или позитивен резултат за антитела“, напиша Заев на Фејсбук.

Според информации во регионалните медиуми, на границата се пропуштаат само грчки државјани.

Преминот Евзони е отворен само за оние со грчки пасош, информираат српските медиуми.

„Само оние кои имаат грчки пасош можат да го поминат преминот, повеќето возила кои чекаат на граница се од Северна Македонија и Бугарија“, јави репортерот на ТВ Прва, Братислав Илиќ .

Тој вели дека од граничната полиција му било кажано дека сè уште немаат официјално одобрение од Атина за ослободување на оние кои немаат грчки пасош.

„На прашањето кога ќе добијат одобрување за да ги пуштат другите, тие рекоа дека не знаат, раководителот на смената ни рече дека тоа може да се случи вечерва, на полноќ или во 7 часот наутро“, јави репортерот на ТВ Прва.

Слични содржини