Колоски: Исходот од конгресните избори нема да има голема промена за македонската заедница во САД

од Nikola Popovski
231 прегледи

Со изборната победа во Невада, демократите ја задржаа контролата над американскиот Сенат, бидејќи стигнаа до потребните 50 сенаторски места. Републиканската партија, од друга страна, забележа слаби резултати на конгресните избори. Партијата се надеваше дека „црвен бран“ ќе ја зафати САД и дека контролата на горниот дом на Конгресот (Сенатот) ќе падне во нивни раце.Според нив, губењето на Сенатот фрли сомнежи врз тековната доминација на Трамп врз партијата. Истакнати републикански фигури отворено апелираа до Трамп да не објавува кандидатура за претседателските избори во 2024 година, која тој се очекува да ја најави во текот на следната недела.

-Атмосферата во САД е поделена. Голема поларизација има во општеството, поделеноста по партии и симпатии. Само што слушнавме на вестите дека демократите заклучија уште една победа во Невада, што значи демократите имат 50 седишта во Сенатот од 100, вели во изјава за „Локално“ Методија Колоски, претседателот на Обединетата македонска дијаспора (ОМД) за конгресните избори во САД.

Тој информира дека на 6-ти декември ќе има повторно избори во државата Џорџија и тогаш ќе се знае дали демократите ќе добијат уште едно седиште или ќе останат на 50.

Методија Колоски

-Сенатот е многу битен за било кој претседател, поради тоа што одлучува за судии и амбасадорски места. Претставничкиот дом моментално изгледа ќе биде Републиканско мнозинство, но ќе биде помало од тоа што беше очекувано, и веќе има доста внатрепартиски несогласувања околу кој ќе ја замени Нанси Пелоси, но мислам ќе биде Кевин МакКарти. Агендата на Бајден ќе продолжи барем во Сенатот и не гледам голема конкуренција, порачува Колоски.

 

Според него, исходот од конгресните избори нема да има голема промена за македонската заедница во САД.

-Сите што се членови на групата за пријателство со Македонија и македонско-американската заедница што се кандидираа за реизбор, освен еден конгресмен, добија повторно на изборите. Добро е што главната на грчкото лоби од 1994 година, Каролин Малони нема да биде во Конгрес од 3-ти јануари кога ќе има нов состав, оценува Колоски.

Тој не смета дека овие избори значат враќање на голема врата на поранешниот претседатрл на САД, Доналд Трамп.

-Далеку. Скоро сите кандидати што беа поддржани од Трамп изгубија. Ќе видиме на 6ти декември дали неговиот кандидат ќе добие во Џорџија. Во Флорида Гувернерот Рон ДеСантис доби на големо, и тој е конкуренција на Трамп за претседателските избори во 2024, потенцира Колоски.

Н.П.

Слични содржини