Крилниот напаѓач на француската фудбалска репрезентација Кингсли Коман изјави дека сака да „испише повеќе историја“ со тимот на УЕФА ЕУРО 2024 и самоуверено најави дека не е загрижен за второто место, јави ДПА.
„Подоцна се паметат само триумфите. Сакам да испишувам повеќе историја со мојата земја“, изјави играчот на Баерн Минхен во интервју за групата Redaktionsnetzwerk Deutschland, пред првиот натпревар на тимот против Австрија вечерва.
„Кога играте на толку важен турнир, сакате да победувате, без разлика дали сте биле шампиони минатиот пат или не. Не сум возбуден за второто или третото место“, рече Коман.
Кингсли Коман поради повреда не беше дел од селекцијата на Франција која стана светски шампион во 2018 година во Русија. Во 2022 година стигна до финалето со „петлите“, губејќи од Аргентина во Катар. Франција последен пат го освои Европското првенство во 2000 година.
„Верувам дека можеме да ја освоиме титулата бидејќи имаме потенцијал, но секако знаеме дека конкуренцијата е огромна“, додаде фудбалерот.
Посебно за играчот на Баерн Минхен е тоа што првенството е во Германија и единствено што му треба е да биде навреме фит по сезона во која имаше серија повреди.
„Ќе уживам во секој момент и ќе играм со голема желба“, вети Коман.