Новиот командант на руските сили во Украина вели дека ситуацијата во Херсон е „тешка“ и дека жителите ќе бидат евакуирани.
Генералот Сергеј Суровикин изјави дека украинските трупи кои го користат американскиот ракетен систем Химарс ја погодуваат градската инфраструктура и станбените згради.
„Руската армија пред се ќе обезбеди безбедна евакуација на населението на Херсон“, рече тој на руската државна телевизија.
Ова е едно од ретките признанија во Русија дека не оди се според планот, а истото го вели и висок проруски локален функционер.
Регионалниот функционер Кирил Стремусов, назначен од Москва, ги предупреди жителите на Херсон дека украинските трупи ќе започнат напад врз градот „во многу блиска иднина“.
„Ве молам, сфатете ги сериозно моите зборови – зборувам за што побрзо евакуирање“, рече тој на Телеграм.
Тој додаде дека луѓето на западниот брег на реката Дњепар се најзагрозени.
Ова во видео порака го потврди гувернерот на регионот Владимир Салдо кој беше назначен од Русија.
Херсон беше првиот голем град што падна во рацете на Русите на почетокот на инвазијата во февруари.
Украинските сили постојано ја преземаа блиската територија во последните неколку недели.
Тие се пробија дури 30 километри јужно долж реката Дњепар, заканувајќи се дека ќе ги опколат руските трупи.
„Во целина, ситуацијата во зоната за специјални воени операции може да се опише како тензична“, рече генералот Суровикин.
Херсон е единствената украинска регионална престолнина заробена од Русите за време на речиси осуммесечната војна.
Кремљ неодамна го анектира Херсон и уште три украински региони, но тоа го направи спротивно на меѓународното право и само некои земји во светот, како Северна Кореја, ја признаваат анексијата на Русија.