Комеморативно одбележување на 27 Јануари – Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот

од Vladimir Zorba
314 прегледи

„Во тешки времиња како што се овие: идеалите, соништата и негуваните надежи се издигнуваат во нас само за да бидат уништени од мрачната реалност. Навистина е чудо што не ги отфрлив сите мои идеали бидејќи изгледаат толку апсурдни и невозможни да се спроведат. Сепак, ги чувам, бидејќи и покрај сè, верувам дека луѓето се навистина добри во срцето“ – напиша брилијантното девојче Ана Франк.

Нејзините моќни зборови понудија утеха и храброст на милиони луѓе кои живеат во услови на војна, насилство, фанатизам и страв.

Невиноста, храброста и надежта испишани во Дневникот ни предизвикуваат морници, но, и децении подоцна, се и наша утеха – истакна денеска министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на комеморативното одбележување на 27 Јануари – Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот, што се одржа во Меморијалниот центар на холокаустот – Скопје.

Костадиновска-Стојчевска потсети дека секоја година го одбележуваме 11 Март, денот кога кога 7 144 македонски евреи беа депортирани од окупаторските фашистички сили со возовите на смртта.

– Северна Македонија ги помни жртвите на холокаустот и ги чува сеќавањата и во овој, исклучително важен, Меморијален центар – рече Костадиновска-Стојчевска. Министерката за култура потсети дека Министерството за култура учествува во заедничкиот проект „Образование за холокаустот и меѓукултурното разбирање во Југоисточна Европа: обновување на ексјугословенскиот павилјон во Аушвиц“, координиран од Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Венеција. Проектот е, всушност, обновување на изложбениот простор на Блок 17 во Аушвиц и креирање заедничка постојана изложба за холокаустот.

Домаќин на денешното комеморативно одбележување беше заменик-министерката за надворешни работи Фатмире Исаки, a пред присутните се одбратија и: министерот за дијаспора на Државата Израел, Нахман Шаи; претседателката на Собранието на Еврејската заедница во земјава, Радојка Хелман-Денковска; амбасадорот на Грција во својство на земја претседавач со ИХРА, Русос Кондурос; заменик-шефот на Мисијата во Амбасадата на САД, Ерик Мејер; и координаторката на Европската комисија за борба против антисемитизмот и унапредување на еврејскиот живот, Катарина фон Шнурбеин. Беше организирана и панел-дискусија на тема „РС Македонија – 35-та членка на Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот (ИХРА): активности и мерки во борбата против искривоколчувањето на холокаустот и антисемитизмот и улогата на ИХРА во овие области“.

Слични содржини