Европската кошарка со децении ја тресе конфликтот меѓу ФИБА и Евролигата, а сега многу „посилен“ играч би можел да излезе на пазарот и да го преземе приматот – НБА.
Комесарот на најсилната лига во светот, Адам Силвер, потврди дека размислуваат да влезат на пазарот на Стариот континент.
„Зборуваме за натпреварување, веројатно независна лига одвоена од НБА. Тоа би била Европска лига. Форматот допрва треба да се анализира“, изјави Силвер во интервју за „Фигаро“.
Челниците на ФИБА во последните месеци потенцираа дека чадор-кошаркарската организација ќе биде единствен партнер, но Силвер вели нешто поинаку.
„Разговараме со различни засегнати страни за подобро да разбереме кои опции ни се достапни“.
Тој исто така рече дека НБА франшизата во Европа не е приоритет во моментов.
„Можно е еден ден да имаме НБА франшиза овде, но тоа во моментов не е приоритет. Ќе ни треба суперсоничен авион. Сакаме да покажеме почит кон традицијата на европскиот спорт, без разлика во која насока одиме“, нагласи Силвер и најави дека следната недела ќе се разговара со заинтересирани сопственички структури.
„Фигаро“ пишува дека Тони Паркер, првиот човек на Асвел, веќе изјавил дека својот клуб и Париз ги гледа како дел од новиот НБА проект.