Комесарот за човекови права на СЕ “сериозно загрижен за човековите права” во Македонија

од desk3

Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Нилс Мужниекс, во ексклузивна изјава за новинската агенција „Мета“ ја изрази својата „сериозна загриженост“ за последните случувања во Македонија и особено прислушувањето на новинари, објавено вчера на прес-конференција на опозициската СДСМ.

nil-muznies

– Многу сум загрижен за наводите за масовно и недозволено прислушкување на новинари и граѓани во Поранешната југословенска република Македонија. Ова се сериозни наводи кои заслужуваат ефективна и независна истрага. Овде во прашање се доведуваат повеќе човекови права,  а медиумската слобода и заштитата на новинарските извори не се најмалите – посочи Мужниекс.

Македонските власти мораат брзо да ги расветлат случувањата, и ако наводите бидат потврдени, одговорните мораат да сносат одговорност, а употребата на таа пракса да се прекине, посочи Мужниекс за „Мета“ денеска по неговиот состанок во Брисел со Европската федерација на новинари (ЕФН) која исто така издаде соопштение за последните сознанија за прислушувани новинари.

Претседателот на ЕФН, Могенс Бјерегард, изјави дека ова нарушување директно ја засега медиумската слобода во Македонија, со тоа што потхранува клима на страв и самоцензура.

– Ако наводите се потврдат, тогаш македонските власти јасно го нарушиле правото на новинарите да си ги заштитат изворите  – вели Бјерегард.

Мужниекс и ЕФН утрово имаа средба на која се расправалоо за лошата состојба со слобода на медиумите во Македонија, Белорусија, Азербејџан, Русија, Турција и Украина.

Комесарот им ветил на европските новинари дека ќе интервенира насекаде каде ќе има нарушување на слободата на медиумите се додека трае неговиот мандат.

Советот на Европа е 47-члена организација со седиште во Стразбур чија главна област на делување се човековите права и демократските стандарди.

Советот на Европа и Европската Унија се две различни организации.

 

Мета

loading...

Слични содржини