Комисијата при ОЈО предлага разрешување на Русковска

од Nikola Popovski
179 прегледи

Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавен обвинител во вршење на јавнообвинителската функција при Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, по спроведената дисциплинска постапка против три јавни обвинителки и разгледување на извештајот на обвинителот-известител, донесе Решение со кое:

–           За поранешна основна јавна обвинителка на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е утврдено дека е одговорна за сторена тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеја 6 од Законот за Јавното обвинителство и Комисијата одлучи да поднесе предлог за нејзино разрешување до Советот на јавните обвинители.

–           За една јавна обвинителка од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, за утврдена тешка дисциплинска повреда е изречена дисциплинска мерка – намалување на месечна плата во висина од 30% од исплатената нето плата во траење од 6 месеци.

–           За една јавна обвинителка Комисијата одлучи да ја ослободи од одговорност, бидејќи не се докажа дека сторила тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство.

Против Решението на Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавен обвинител во вршење на јавнообвинителската функција незадоволните страни имаат право на жалба пред Советот на јавните обвинители.

Судирот околу претресот во Управата за финансиска полиција резултираше со суспензија и дисциплински мерки за обвинителките Вилма Русковска,  Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска кои се борат против организиран криминал. Директорот на Управата, Арафат Муареми, поднесе оставка од директорската функција.

На 18 јули Обвинителството за организиран криминал, изврши претрес во Управата за финансиска полиција. Од Обвинителството тогаш посочија дека станувало збор за обемна документација и оти во истрагата биле опфатени повеќемина вработени во Управата. Русковска наредбата ја дала по пријава на група граѓани против директорот.

Инаку Финансиската полиција е еден од двата клучни органи на откривање на финансиски криминал и корупција, покрај Секторот за организиран криминал во МВР.

Слични содржини