Комисија ги „чешла“ обвинителите од Струга и Битола по наводите за предметите за Мерко

од Nikola Popovski
278 прегледи

Јавното обвинителство информира дека денеска четворица јавни обвинители од републичкото обвинителство вршат контрола во Основното јавно обвинителство (ОЈО) во Струга, но и во Вишото во Битола за предметите што се поврзани со градоначалникот на Струга – Рамиз Мерко од ДУИ.

„Четиричлена комисија од јавни обвинители од Јавното обвинителство на РСМ денеска врши надзор на постапувањето во предметите во ОЈО Струга и ВЈО Битола. По целосните проверки на постапувањето, Комисијата ќе изготви извештај“, соопштија од ЈО.

Против струшкиот градоначалник, Рамиз Мерко активни се шест предмети. Најголем дел се дека тој сторил злоупотреба на службена положба и овластувања. Според објавеното, се водат постапки во струшкото обвинителство и во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Од Обвинителството се децидни дека за сите обвинители за кои ќе се утврди дека постапувале неажурно, нестручно и потпаднале под влијание ќе се поведе постапка за одговорност.

-​1. КО бр. 107/23 кој е заведен по кривична пријава поднесена од повеќе Здруженија на граѓани, за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од КЗ. Пријавата е поднесена на 26.04.2023 година, постапува ОЈО Струга и преема дејствија за проверка на наводите.

2. КО бр. 117/23 заведен во ОЈО Струга против наведеното и уште две други лица за кривични дела по член 353 и член 353-в од КЗ, а по кој има испитани лица и редовно се постапува.

3. КО бр. 121/23 примен во ОЈО Струга на 19.05.2023 година и по кој се проучува пријавата и предистражната постапка е на почеток.

4. КО бр.208/15 отворен по пријава од УФП за кривично дело по чл.353 ст.1,2. и 5 против лицето за кое покажувате интерес и други три лица. Обвинителот што постапува во предметот издал Наредба за вештачење до Бирото за судски вештачења, по доставените наоди во три наврати е побарано дополнување на вештачењето. Предметниот обвинител се уште го чека постапувањето по Наредбата за дополнување издадена во февруари 2020 година.

5. КО бр. 15/22 отворен во ОЈОГОКК​ по кривична пријава од група адвокати против три лица, а во врска со ангажмани за адвокатски услуги, предметот е во предистрага и се постапува по истиот.

6.​ РО 55/19 предмет по анонимна кривична пријава за кривични дела – Злоупотреба на службена положба и овластување и Измама против наведеното и повеќе други лица, поврзано со експропријација на земјиште во Струга. По слични наводи постапувало и ОЈО Струга и ОЈОГОКК, по што двата предмети се споени, обезбеден е судскиот предмет и дел од списите кои се наведуваат во пријавата. Се наоѓа во фаза на предистражна постапка, велат преку соопштение од Обвинителството.

Мерко пред една недела беше ставен на црната листа на САД, поради вмешаност во значителна корупција, мешање во судски процеси, но и поткопување на довербата во институциите.

-Aкцијаta испраќа порака дека Соединетите Американски Држави стојат покрај Северна Македонија во промовирањето на стабилноста преку зајакнување на демократските институции и решавање на недостатоците поврзани со владеењето на правото, посочува Стејт департментот.

Од ДУИ најавија дека бараат истрага за градоначалникот на Струга, до чие завршување е замрзнато неговото учество во раководните тела на партијата. Тој лично побарал такво нешто.

Идниот статус на Мерко во партијата, како што соопшти вчера портпаролот Бујар Османи, ќе зависи од исходот на истрагата што ќе се води против него.

Слични содржини