Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе иницира формирање на Комисија за стручен надзор до министерството за здравство, со цел да се утврди дали има пропусти во начинот на лекување на родилката и новороденчето од Битола, кое почина 30 часа по породувањето.
Од увидот во неонатолошката документација е констатирано дека новороденчето било доносено и при раѓање имало ливидна кожа, ослабен тонус, ослабени рефлекси и брадикардија.
Според извештајот, бебето се родило на 14 јуни со АПГАР 5/7/7 со ливидна кожа, ослабен тонус, рефлекси и брадикардија. Веднаш била направена аспирација, вештачка вентилација и срцева масажа и ординирана терапија. Другиот ден состојбата му се влошила и било транспортирано за Скопје. По патот дошло до дополнително влошување на состојбата и брадикардија. Била спроведена реанимација, но без одговор. Починало на 15 јуни во 16.55 часот. Телото од скопската клиника било вратено назад за Битола.