Комисија на Конгресот: Трамп избра да не реагира на насилството во Капитол

од Stefanija Kuzmanovska

Членовите на Конгресот кои ги истражуваа немирите и упадот во Капитол на 6 јануари минатата година рекоа дека тогашниот претседател Доналд Трамп намерно избрал да не реагира повеќе од три часа, додека илјадници негови приврзаници се насобраа во зградата на Капитол во обид да ја блокираат потврдата за изборната победа на Џозеф Бајден.

„Претседателот Трамп седеше на трпезариската маса и го гледаше нападот на телевизија, додека врвните соработници, најблиските советници и членовите на семејството го молеа да го направи она што се очекува од кој било американски претседател“, рече Елејн Лури, член на комисијата од Демократската партија.

Конгресменот Адам Кинзингер, исто така член на комисијата, рече дека Трамп одбил да дејствува затоа што „толпата“ го запрела потврдувањето на изборните гласови.

„Пребројувањето на гласовите беше прекинато, а се одложуваше со часови. Толпата го постигна она што го сакаше претседателот Трамп, па се разбира, тој не интервенираше“, рече Кинзингер, кој е републиканец.

„Претседателот Трамп не пропушти можност да реагира. Избра да не реагира“, рече конгресменот.

Деветчлениот комитет на Претставничкиот дом што ги истражува немирите на 6 јануари 2021 година, покажа монтирана видео снимка од сведочењето на клучните соработници на Трамп во Белата куќа, како што двајцата сведочеа во живо, за да ги докаже тврдењата на комисијата дека Трамп ги гледал немирите на телевизија и не направил ништо за да ја запре.

Во своето воведно обраќање, конгресменот Бени Томпсон, демократ и претседател на комисијата, рече дека на Трамп „не влијаеле советниците, ниту неговите сојузници, ниту скандирањата на бунтовниците, ниту очајните молби на луѓето кои се соочувале со толпата“.

Лури изјави за Си-Ен-Ен претходно оваа недела дека комисијата ќе истражува „од минута во минута“ што правел Трамп три часа и седум минути попладнето на 6 јануари – од крајот на неговиот говор на митингот кога тој ги повика своите поддржувачи да одат до Капитолот и да се „борат со сите сили“, додека конечно не им рече да се разотидат.

„Во рок од 15 минути по излегувањето од сцената, претседателот Трамп знаеше дека Капитол е под опсада и напад“, рече Лури во четвртокот навечер.

Јавната расправа во четвртокот вечерта требаше да биде последна, но членовите на комисијата сега велат дека продолжуваат да собираат информации за немирите и дека можеби ќе одржат нови расправи во септември и подоцна, јави „Гласот на Америка“.

Слични содржини