На денешната средба на заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања помеѓу Северна Македонија и Бугарија, на маса македонскиот тим ќе седне со нов член. На предлог на Министерството за надворешни работи, Владата за нов член го назначи историчарот Димитар Љоровски.
„Љоровски е именуван за нов член на Комисија согласно неговата експертиза и препораките на Комисијата за соодветно покривање области од нивната работа. Димитар Љоровски е историчар и професор во Институтот за национална историја — Скопје“,соопштија од МНР.
Според достапните информации кои може да се пронајдат за професорот, неговиот научен интерес првенствено е насочен кон историјата на Балканот во доцноосманлискиот период, со посебен осврт кон историјата на Грција во XIX и почетокот на XX век, грчката политика кон османлиска Македонија и Македонското револуционерно националноослободително движење.
До 2017 година Љоровски има објавено две монографии и околу 40 научни статии и голем број публицистички текстови.
Заедничката македонско-бугарска комисија за историски прашања на 15 август усвои и објави препораки кои се однесуваат на подобрување на учебниците по историја за 6-то одделение во Северна Македонија и 5-ти клас во Бугарија, како и препораки за заедничко чествување на личности од средниот век – Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самоил. Тие препораки се усвоени од страна на Заедничката меѓувладина комисија формирана согласно со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.