Во координација сме со градоначалничката на Општина Тетово и ние и Министерството за здравство. Сабајлево се одржа состанок на Комисијата за заразни болести и веднаш штом добиеме инструкција или мислење од страна на Комисијата, понатаму ќе продолжиме во разговорите со Општина Тетово и секако дека сите одлуки мора да поминат и на Главниот координативен штаб на Владата и на владина седница. Затоа мислам дека се останато би било шпекулација, рече министерката за образование и наука Мила Царовска откако Кризниот штаб на Општина Тетово,побара учебната година таму да започне со онлајн настава наместо со физичко присуство на учениците.
Тетовската градоначалничка Теута Арифи вчера на прес-конференција побара во тетовскиот регион првите три недели од новата учебна година да бидат онлајн, а потоа учениците да почнат да одат во училиштата. Причината е поради високите бројки на заболени од Ковид во Тетово, а барањето е испратено до Кризниот штаб на Владата, Министерството за образование и Комисијата за заразни болести.