Комисиска расправа во Собранието за директорот на АНБ Христовски

од Nikola Popovski
35 прегледи

Во Собранието денеска е закажана седницата на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање со единствена точка на дневен ред – Информација за незаконското именување на директорот на Агенцијата за национална безбедност, поднесена од опозициските пратеници на СДСМ.

Пратениците на СДСМ го оспоруваат именувањето на директорот на АНБ, Бојан Христовски. Оттаму велат дека Владата не ги почитувала одредбите од законот со кој се предвидени услови за избор на директор на една таква безбедносна институција.

Според нив, Христовски нема соодветно стекнато образование, лице кое при реформата не го поминало ветингот заради негова претходна инволвираност во незаконски дејствија на УБК. Дополнително, Христовски, како што се наведува, има лажен сертификат за познавање на странски јазик.

Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека директорот на Агенцијата за национална безбедност ги исполнува условите согласно законот. Во изјава за медиумите дадена на 27-ми октомври премиерот ја повика Антикорупциската комисија во најбрз рок да се произнесе по овој случај по обвинувањата од опозицијата дека Христовски не ги исполнува условите да биде директор на АНБ.

Директорот на АНБ и уште најмалку 499 лица се под истрага на МВР дека користеле лажни фалсификувани сертификати, уверенија и документи а полицијата ќе постапувала професионално и неселективно за сите за кои има индиции дека го прекршиле законот најави министерот Панче Тошковски. Тој избегна да одговори дали и што точно презема полицијата во конкретниот случај.

Обвинителството веќе соопшти дека отворило предмет за кој се води предистрага околу сертификатот за положен испит за англиски јазик на директорот Христовски. За сертификатот на Христовски, предмет отвори и Антикорупциската Комисија.

Слични содржини