Навивачите на фудбалскиот клуб Вардар, незадоволни од резултатите, организацијата и целосната катастрофална ситуација во која се наоѓа клубот, одлучија да се спротивстават, обединувајќи се во голем ,,НАРОДЕН ФРОНТ-ЗА ВАРДАР”.
Како што е веќе познато, порачаа од навивачката група Комити, по финансискиот крах, клубот за време на изминатите две сезони беше целосно управуван од страна на здружението на навивачите, односно народот кој апсолутно даде поддршка на оваа приказни.
-Благодарение на нашата напорна работа, но и на помошта од страна на неколкуте Општини, како и на многуте компании кои ја видоа нашата искрена намера и се приклучија кон оваа борба, клубот успеа да опстои и по две сезони минати во Втората лига, да се врати во елитата.
По завршувањето на минатата сезона, беше постигнат договор помеѓу Здружението ,,35 години Вардарци”, односно ВД раководството на клубот составено од искрени вардарци и навивачи на овој клуб и новата сопственичка структура, на чело со Атилла Бижен Жалили. Верувавме дека ваквиот расплет ќе донесе подобра иднина за клубот, финансиска стабилност и дека ќе се воспостави вистински правец по кој ќе се движи клубот, секако незанемарувајќи ги основните постулати на борбата ,,за клубот на народот” за која деноноќно, волонтерски се бореа искрените Вардарови навивачи. Меѓутоа, неколку месеци подоцна, не само ние, туку и целата македонска јавност сведочи за катастрофалната ситуација, во која од ден на ден се повеќе тоне и клубот и приказната која со многу труд и љубов ја создаваа навивачите и народот.
Причината за катастрофалниот тек на сезоната ја гледаме во лошата кадровска политика, односно во неформалното раководството на клубот, на чело со Миленко Неделковски, кој заедно со својот тим, докажаа дека се во целост неспособни за да водат клуб каков што е големиот Вардар.
Поучени од искуството и минатото во кое во неколку наврати сме биле обвинети за виновници, кои не дозволиле влез на нови сопственички структури, овојпат одлучивме да дадеме време и можност, како што од нас побара и самиот инвеститор, иако уште на самиот почеток го потенциравме нашиот сомнеж во капацитет на предложеното раководство.
Но, за жал, веќе е и повеќе од јасно дека е потребна промена ВЕДНАШ. Оваа агонија мора да заврши час поскоро, а за тоа да се случи, потребна е масовна мобилизација на сите Вардарови навивачи, симпатизери, на целокупната јавност која ја повикуваме да се приклучи кон оваа борба и да застане повторно во одбрана на клубот.
Во среда, на 23.10.2024, на Арената Тодор Проески во Скопје, ќе се одигра 1/8 финалето од Купот на Македонија, помеѓу екипите на Вардар и ГФК Тиквеш од Кавадарци, велат од навивачката група Комити преку соопштение.
Упатуваат апел до сите, да дојдат и да бидат дел од Народниот фронт за Вардар.
-Бараме одговорност, бараме професионализам! Бараме инвеститорот да го разреши постоечкото раководство и да постави вистински професионалци кои Вардар ги заслужува.
Натпреварот ќе биде одигран во 14:00ч а најважно од се е, сите заедно да бидеме обединети на западната трибина. Безразлика дали сте Комити, Вардарци, навивачи или симпатизери, сите заедно рамо до рамо. Западната трибина повторно застанува во одбрана на нашата светост. Тука се брани Вардар, тука се брани приказната за ,,клубот на народот”, тука се брани црвено-црното! Се гледаме на Запад! За Вардар и Македонија, стои во соопштението на навивачите.
Вардар е во лоша резултатска серија во која последниот пораз беше забележа од Беса 1976 во Гостивар од 2-1. Ова за „црвено-црните“ беше четврти загубен меч во низа во ПМФЛ или вкупно седми на десеттиот сезонски натпревар што е катастрофален учинок за клубот за кој се најавуваше дека во актуелнава кампања ќе биде во горниот дел од табелата.