„Комитите“ најавуваат радикализација доколку Славески и Арсовска не ги исплатат средствата за ФК Вардар

од Nikola Popovski
730 прегледи

Навивачката група „Комити“ упати апел до претседателот на советот на Град Скопје, Трајко Славевски и градоначалничката Данела Арсовска, да бидат доделени финансиските средства наменети за ФК Вардар. Велат дека „немаат повеќе време за чекање“.

-Вашата пасивност во однос на ФК Вардар и меѓусебното префрлање на одговорноста, се недозволиви. Никогаш нема да прифатиме, било кој да има таков однос кон клубот на народот. Затоа, упатуваме јасно барање – постапете веднаш, порачаа „Комитите“.

Истакнуваат дека доколку за 48 часа не постапат и не се спроведе одлуката, најавуваат радикализација на борбата.

-Не дозволувајте да бидете запомнети како луѓе кои свесно или несвесно го саботирале клубот на народот. Не дозволувајте повторно да треба да се огласиме по однос на ова прашање, соопштија од навивачката група.

На седница, на советот на Град Скопје, на 20-ти јули годинава беше изгласана финансиска поддршка за фудбалскиот клуб Вардар. Со 34 за и само еден воздржан беше усвоен предлогот од докторот Никола Пановски, за да му се додели финансиска помош на клубот. Усвоен е и заклучок со кој се овластува градоначалничката за издвојување на сума на пари за помош и изнаоѓање на најповолниот начин како да се реализира оваа помош.

Вардар од поодамна се гуши во финансиски проблеми, уште во последните години од владеењето на бившиот газда Сергеј Самсоненко, а беспарицата ги оптоварува и актуелните газди кои го преземаа клубот, односно навивачите.

Во моментов Вардар е последен на табелата со освоени 8 бодови после 11 одиграни кола.

Слични содржини