Комора на извршители: Извршителот  не е надлежен по службена должност или по барање на странка да одлучува за застареност на побарување 

од Vladimir Zorba
954 прегледи

Соочена со се погласни обвинувања поради непочитување на законот за застарување на долгови, Комората на извршители ги оцени  како неосновани последните напади на нејзина сметка. Во прилог наведуваат неколку аргументи, меѓу кои основни се одредбите од Законот за извршување според кои при постапувањето по барањата на должниците да се утврди застареност во конкретни предмети, извршителите немаат законски овластувања да  постапувааат по истите барања. 

Се согласуваат со аргументот дека  согласно чл.52 од Уставот на РСМ „ Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните., но истовремено и  дополнуваат:

„Медиумите и јавноста треба де се свесни дека граѓаните на оваа држава освен што се должници  исто така се и доверители во конкретни постапки за извршување (како на пример во постапки за наплата на законска издршка-алиментација, наплата на материјална и нематеријана штета од одговорниот за причинување на истата, наплата на неисплатени плати и придонеси од работодавец, наплата на побарување за извршини услуги и купопродажна на стоки итн..)“, велат од Комората за „Локално“.

Оттука , според нив, може да се заклучи дека ваквата одредба е поволна само за граѓаните кои не си ги плаќаат своите долгови но никако не е поволна и за граѓаните доверители и граѓаните кои редовно си ги плаќаат долговите или биле должници во предмети за извршувања кои се делумно или целосно наплатени.

Неколку здруженија излегоа на протест, обвинувајќи ги извршителите за непочитување на законот за застарување на долговите. Каква е навистина состојбата на терен?

-Согласно член 11 точка 7 в.в. со член 3 став 1 од Законот за извршување (ЗИ), извршителот  е лице кое врши јавни овластувања утврдени со закон и го спроведува извршувањето директно одлучувајќи за дејствијата што треба да се преземат во рамките на неговите овластувања за да се спроведе извршната исправа и да ги преземе извршните дејствија. Согласно член 1 од Законот за извршување со овој закон се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука, одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на обврска, нотарски исправи и други извршни исправи предвидени со закон, додека пак во член 40 од Законот за извршување се предвидени дејствијата кои ги презема извршителот. Согласно член 28 став 3 од Законот за извршување, извршителот е должен да постапува по барањето за извршување, додека пак согласно став 4 од истиот член, со врачувањето на извршната исправа чие извршување се бара, извршителот е овластен да избере средства на извршување и предмети на должникот заради целосно извршување на извршната исправа.

При постапувањето по барањата на должниците да се утврди застареност во конкретни предмети, Ве известуваме дека извршителите немаат законски овластувања да  постапувааат по истите барања.

Во секој случај, доколку должникот не е задоволен од постапувањето  и смета дека извршителот сторил неправилности во извршувањето, согласно чл.86 од ЗИ има право на судска заштита со изјавување на Приговор за незаконитости при извршувањето до надлежниот суд.

Според  здруженијата целосно е беспредметно образложението дека сеуште не се добиени обрасци од Министерството за правда, па оттука и дилемата каде да се бара вистината?

-Согласно поставеноста на извршувањето во правосудниот систем како и надлежностите на извршителите, извршителот постапува во точно утврдени правни ситуации определени со закон, ги носи конкретните акти предвидени со закон на образци кои се утврдени од Министерството за правда.

Па така само во случај да настанат услови согласно чл.29 ст.1, чл.93, чл.111, чл.178, чл.213 од ЗИ, извршителот постапува со донесување на  Заклучок за запирање на извршувањето.

Оттука, извршителот нема овластувања да постапува по сопствено убедување, како ни да презема дејствија кои не се пропишани согласно ЗИ.

Сите дејствија на извршителот се спроведуваат со донесување акт согласно соодветен образец согласно Правилникот за формата на налозите, заклучоците, записниците, барањата, службените белешки, потврдите и другите акти кои ги изготвува извршителот при преземањето на извршните дејствија објавен во Службен Весник на РСМ бр.88 од 03.05.2019 година.

Од наведените причини произлегува дека извршителот ниту според Законот за извршување ниту според Законот за облигационите односи не е надлежен по службена должност или по барање на странка да одлучува за застареност на побарување утврдено во извршна исправа за која е поднесено барање за извршување.

Против Вашата комора најавија кривични пријави заради непочитување на законот и уставот. Каков е вашиот став?

-Комората на извршители (КИРСМ) е организација на сите извршители во Република Северна Македонија и истата е формирана со ЗИ со прецизно утврдени надлежности. КИРСМ не спроведува конкретни постапки за извршување па оттука нејасен е ставот за поднесување на кривична пријава против Комората заради евентуално непочитување на законите и Уставот..

Според здруженијата, Уставниот суд треба да го испочитува членот 52 од Уставот на државата според кој  законите и другите прописи  можат да имаат повратно дејство во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните. Што ќе им одговорите?

-КИРСМ ниту има надлежнот ниту има намера да се меша во работењето и одлуките на Уставниот суд.

Точно е дека согласно чл.52 ств.4 од Уставот на РСМ „ Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.„

Но медиумите и јавноста треба де се свесни дека граѓаните на оваа држава освен што се должници  исто така се и доверители во конкретни постапки за извршување (како на пример во постапки за наплата на законска издршка-алиментација, наплата на материјална и нематеријана штета од одговорниот за причинување на истата, наплата на неисплатени плати и придонеси од работодавец, наплата на побарување за извршини услуги и купопродажна на стоки итн..). Оттука може да се заклучи дека ваквата одредба е поволна само за граѓаните кои не си ги плаќаат своите долгови но никако не е поволна и за граѓаните доверители и граѓаните кои редовно си ги плаќаат долговiте или биле должници во предмети за извршувања кои се делумно или целосно наплатени.

Колку извршни постапки во моментов се водат и колкав процент од нив ги исполнуваат законските рокови за застареност?

-КИРСМ нема надлежност да води евиденција нуту статискита за број на предмети кои евентуално би исполнувале рок за застареност, од причини кои се погоренаведени.

К.В.С.

Слични содржини