Протест поради непочитувањето на новата законска одредба за застареност на долговите

од Vladimir Zorba

Организаторите на протестот на граѓаните ќе им  поделат формулари  со кои ќе можат да им се обратат на извршителите за да побараат стопирање на постапките  за кои се  исполнети условите со новите рокови.Сите присутни ќе добијат и веќе подготвена кривична пријава која ќе можат да ја поднесат против извршителите  доколку не постапат по нивните барања. 

Здруженијата „Човекот над профитот“, „Но Пасаран“, КСОМ и ПЦЕР се надеваат дека на овој начин конечно ќе им застанат на пат на извршителите кои досега одбиваа да ги стопираат постапките, со што според нив практично не ги почитуваат промените во Законот за облигациони односи кои се однесуваат на застарувањето на долговите.

„Еден од изговорите им беше дека немаат добиено формулари од страна на Министерството за правда, па затоа сега ние ќе им го дадеме теркот на граѓаните. Доколку навистина Министерството не ги доставило овие формулати, тогаш отворено се сомневаме дека и тие се учесници во целата игра“, изјави за „Локално“, Марјан Ненов од здружението „Но Пасаран“. 

Марјан Ненов, „Но Пасаран“

Марјан Ненов, „Но Пасаран“

Потсетува дека во рамки на оваа институција има Одделение за контрола на извршителите, но дека тоа,  како што вели, не функционира.

Како контрадикторност ја наведува разликата меѓу  актуелната ситуација  со онаа  во 2019-та година кога беше донесен новиот закон за извршители кој исто така важеше ретроактивно. Оттука, како исклучително спорна ја оценува одлуката на адвокатската комора токму ретроактивноста на промените на Законот за облигациони односи да биде причина  за оспорување на уставноста.

„Во моментов требаше да бидат завршени сите извршни постапки кои ги исполнуваат условите со новите рокови. На тој начин луѓето- должници требаше да бидат  ослободени од понатамошни плаќања. Затоа ја прашувам адвокатската комора кому му служи-  на извршителите , или пак  заеднички газди им се олигарските?“, забележува Ненов.

Ова е време, според него, кога Уставниот суд треба да го испочитува членот 52 од Уставот на државата според кој  законите и другите прописи  можат да имаат повратно дејство во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните. За него е повеќе од јасно дека граѓаните  се соочуваат со лобито на извршители кое е исклучително моќно дозволуваќи си да не го почитува законот бидејќи однапред знае дека против нивната комора  нема да бидат поднесени кривични пријави.

Овој протест, како што објаснува Ненов треба да го одбрани новиот закон кој го ограничува должничкото ропство, контролата и неограничената моќ на извршителите и олигарсите.

 Со сличен став на протестот излегува  и поранешниот пратеник Самка Ибраимовски.

„Непочитувањето на законот и самоволието на извршителите не натера да го организираме овој протест. Од Министерот за правда ќе побараме да го обезбеди неговото спроведување, но и да побара извештај со образложение од претседателот на комората на извршители зошто законот  не се почитува“, изјави Ибраимовски за „Локално “.

Самка Ибраимовски.

Самка Ибраимовски.

Подеднакво важно според него е и да се донесе правилник со подзаконски акт согласно кој ќе бидат дадени насоки за начинот на кој ќе се спроведува законот. Потсетува дека потребата од законско регулирање на застареноста на долгови тој ја посочил уште во времето кога бил пратеник, но дека законот бил изгласан и покрај притисоците од страна на олигарсите.

На денешниот протест здруженијата „Човекот над профитот“, „Но Пасаран“, КСОМ и ПЦЕР ќе побараат од Министерот за правда и   владата да се изјаснат зошто не се применуваат промените во Законот за облигациони односи од страната на извршителите, а се однесуваат на застарувањето на долгови, изгласани од Собранието, и во службен весник објавени пред повеќе од месец дена.

Во оваа насока е и нивното објаснување  дека согласно Законот за изменување и дополнување на ЗОО (Сл.Весник на РСМ бр.154 од 20.07.2023 година ) во чл.2 се предвидени измени на одредбата од чл.368 од ЗОО, во која е определено дека  извршната постапка може да се реализира во рок од 10 години од денот на поднесување на Барањето за извршување, после кој рок настапува апсолутна застареност.

Предупредуваат  дека неприменувањето на законот , особено од страна на високи државни службеници, е злоупотреба на службена должност и овластување, и тоа според член 353 од Кривичниот законик.

К.В.С.

Слични содржини