Комора на извршители: Ништо не се постигнува со барањето за привремено запирање на извршувањата додека трае кризата

од Vladimir Zorba
186 прегледи

По низата континуирани и бесни реакции на јавноста за работата на извршителите кои дополнително добија на интензитет по последна вест за нивната минатогодишна вкупна заработка во износ од 3,4 милиони евра, Комората на извршители излезе со свој став и дополнително појаснување.

Во изјава за „Локално“ посочуваат дека сумата поради кои граѓаните и здруженијата изразија низа обвинувања дека извршителите всушност заработуваат на грбот на граѓаните, е во најголем дел збир на износите на постарите предмети.

„Сите десет извршители кои што беа наведени како колеги со највисока заработувачка ја обавуваат службата повеќе од 10 години. Некои и по 15 години. Поради тоа во структурата на предметите од кои што ја оствариле заработувачката влегуваат поголем број на предмети од изминатите години“, објаснуваат од Комората.

Актуелниот период според нив, не може да се спореди со претходниот, па оттука како што велат се и нивните реакции дека работата на извршителите станува се понеиспплатлива.

„Незадоволството на извршителите се состои токму во тоа што постоечката состојба не овозможува рентабилно работење. Сите новопоставени извршители не се во состојба да работат рентабилно. Рентабилно работат само оние кои имаат во постапување постари предмети“,децидни се во Комората.

Во однос на барањето  за привремено запирање на извршувањата додека трае економската и енергетската криза Комората е категорична  дека  ништо не се постигнува со таква мерка. Потсетувајќи дека привременото запирање на извршување беше спроведено  во 2020 година , објаснуваат дека тоа дава само  привремено олеснување на позицијата на должникот.

Всушност ништо не се постигнува со ваквата мерка. По протекот на суспензијата на законот, долговите продолжуваат да се наплатуваат, при што каматите сепак се засметуваат“, велат во Комората.

Од друга страна, економската и енергетска криза која влијае врз стопанството  може да предизвика намалување на извршните постапки. Според Комората,  зголемувањето на невработеноста обично  не влијае во моментот на присилното наплатување, но може да се претпостави дека во иднина ќе може да се очекува намалување на наплатата.Исто така, бројот на извршни постапки се намалува и поради евентуалното намалување на кредитната активност што е, како што велат,  очекувано кога е стопанството во криза.

Комората останува на своето барање за поголема слобода во спроведувањето на Законот за отпис на каматите на граѓаните за неплатени долгови кон Јавните претпријатија на државно и локално ниво. 

Во поглед на отпишување на каматите кон јавните претпријатија за самите извршители нема никакво влијание. Она што може да се очекува од вакви и слични мерки е само стимулирање на неплаќањето, во очекување на повторно воведување на мерки на опростување на камати“, велат во Комората.

Она што во меѓувреме останува константно е структурата на должниците.Во моментов има дури 100.000. предмети против физички лица, 10.000 правни лица и 5.000 оформени против државата. Во однос на видот на долгување доминираат побарувања за физички лица од комунална природа.

К.В.С.

Слични содржини