Комора на сметководители на Македонија, како единствен функционален застапник на сметководителите, во континуитет реагира на самоволното постапување на институциите. Наместо сфаќање на важноста која ја имаат сметководителите како единствена врска помеѓу државата и стопанството, продолжуваат обидите за целосна контрола со цел задоволување на нечии лични интереси.
“Токму затоа Комора на сметководители со поддршка од колеги сметководители и овластени сметководители е денес овде, пред законодавниот дом, каде се врши грубо кршење и злоупотреба на надлежностите. Имено, Законот за вршење на сметководствени работи е ставен денес на пленарна седница со европско знаменце, под изговор дека се усогласува со ЕУ директивите. Во овој закон, освен целосна окупација и злоупотреба на сметководителите, нема никакво усогласување ниту поврзаност со наведената директива. Оттука, ја повикуваме целата меѓународна заедница во Македонија и канцеларијата на ЕУ сериозно да реагираат и да ја испитаат оваа злоупотреба.” – истакна Александра Андреева, член на Управен одбор на Комората на сметководители.
Од Комората на сметководители истакнуваат дека причина за злоупотребата на европското знаменце за носење на овој закон по кратка постапка е воведување на ново тело за контрола на Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС), наречено Совет за унапредување и развој на сметководството. Она што е целосна небулоза кај овој Совет е неговата таканаречена независност, а всушност во самиот закон е директно наведено дека за својата работа одговара пред Владата, а во него членуваат претставници од Министерството за финансии.
“За каква независност на ова тело зборуваме, кога работата целосно му зависи од Министерството за финансии и Владата?” – прашуваат од Комората на сметководители, истакнувајќи дека нивното учество во креирањето на овој закон е само алиби на ресорното министерство, бидејќи како што велат речиси ништо од клучните предлози не е прифатено, напротив се исполнуваат барањата на поединци и групи со цел задоволување на нивните интереси а самата јавна расправа беше организирана единствено за замајување на јавноста за наводен инклузивен процес, а всушност беше одржана по законски дозволениот рок за поднесување на амандмани.
“За жал знаеме дека интересот е онаму каде што се парите, па така и во нашиот случај години наназад борбата е токму тоа – да се злоупотребат парите кои сметководителите ги плаќаат за членарини. Од последните јавно достапни информации, ИСОС располага со над 30 милиони денари на својата сметка, па сега законодавецот по секоја цена воведувајќи паралелни контролни и репресивни тела сака да дојде до истите. Така, наместо овие средства да се користат за професионално усовршување на сметководителите и унапредување на професијата, законот
пропишува дека ИСОС треба да го плати преводот на Меѓународните сметководствени стандарди. Оваа пракса ја нема никаде во светот бидејќи преводот е од државен интерес и токму државата треба да го плати, а не физички лица, професионалци кои само сакаат чесно да заработуваат.”, додаде Андреева, истакнувајќи дека пред повеќе години веќе имало грант од 3,6 милиони евра за оваа намена за кој никој не знае каде завршил.
Од овие причини Комората на сметководители се оградува од ова законско решение и не дозволува нејзиното учество во работниот процес да биде злоупотребено од страна на институциите кои сите издржани предлози за зачувување на интересите на сметководителите ги отфрлија без логично образложение.
Сметководствената професија е пред изумирање поради старосната структура на сметководителите и неатрактивноста за влез на млади кадри во истата, што ќе биде сериозен проблем за државата за неколку години. Со носење на ваков закон, кој не уредува никакви права освен обврски ситуацијата дополнително ќе се влоши. Оттука, неопходно е повлекување на истиот и негова доработка согласно светската пракса во консултација со фелата.
И овластениот сметководител Сашо Цветановски рече дека законот е штетен. „Овој закон е врв на тортурата. Штетен е и нема ништо европско во него. Не затрупува со дополнителни трошоци, ограничувања, обврски и контроли. Значи грубо конфиксување на наши средства за остварување нечии лични интереси. Бараме негово повлекување зашто не уредува никакви права. Во спротивно, ќе пристапиме кон бојкот на работата на Институтот и неспроведување на неправичниот закон“, истакна Цветановски.
Комората на сметководители на Македонија ги повика пратениците од Собранието на Македонија да ги тргнат на страна личните и партиски интереси и да гласаат против носењето на Законот за вршење на сметководствени работи, со цел зачувување на дигнитетот на професијата.