Компанијата која увезла рекордни над 2 тона марихуана во земјава добила лиценца пред 2 месеца

од Vladimir Zorba
685 прегледи

Компанијата која што деновиве изврши увоз на 2.125 килограми сув цвет од канабис од Јужноафриканската Република има дозвола издадена на 8 ноември 2021. Во тек е стандардната царинска постапка. Минатата година МАЛМЕД има издадено десетина дозволи за увоз од компании од Холандија, Англија, Хрватска, Лесото и Јужноафриканската Република, велат од Владата на прашање од „Локално“ за рекордниот увоз на марихуана за медицинска употреба, испратена од Јоханесбург во Скопје на 25 декември.

Од Владата појаснуваат дека увоз на сув цвет од канабис за медицински цели, семе или садница за одгледување на канабисот, и био маса (мешавина од сите делови од растението, не само сув цвет), вршат само фирмите кои поседуваат дозвола за екстракција на канабис.

„Дозволата ја издава Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Северна Македонија (МАЛМЕД) и е со важност до 90 дена. Фирмата која ќе добие ваква увозна дозвола, има можност количината да ја увезува во повеќе наврати, а исто така увозот не мора да биде реализиран. Нема ограничување на количините што може да бидат увезени“, посочија од Илинденска Б.Б.

„Instadose Pharma“ претходно преку соопштение истакна дека оваа голема количина на марихуана за медицински цели била наменета за Западна Европа, каде што е веќе испорачана, а во Северна Македонија е извезена согласно дозвола.

Се додава дека компанијата има соработка со лиценцирана компанија во Северна Македонија, а има и филијали во ДР Конго, Португалија, Индија, Канада, Колумбија и Мексико.

„Ова е историска испорака и е само почеток на потенцијалот на Instadose Pharma. Испораката го потврдува и нашиот бизнис модел и компанијата како светски лидер во индустријата“, се вели во соопштението.

Основачот и извршен директор на Instadose, Грант Сандерс, рече дека неговата визија отсекогаш била таква и дека е „многу возбуден за важноста на пратката и за она што допрва следи“.

Б.М.

Слични содржини