Кому и зошто му одговараат политичките кризи во регионот

од Stefanija Kuzmanovska
230 прегледи

Дека моменталните политички кризи на Балканот, неодамна отворените во Босна и Херцеговина и Црна Гора и онаа подолгата на Косово, се некако поврзани и дека некој стои зад нив би можело да се слушне во јавноста откако започна блокадата на државните институции во Босна и Херцеговина. Ова го изјави членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, кој неодамна порача дека само „наивните можат да помислат дека случајно во исто време се отворени кризите во Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово“. Според Додик, зад сето тоа стои меѓународната заедница која се обидува „да го раздели и деградира српскиот народ“, објавува „Алџезира Балканс“.

„Кризите во Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово, иако имаат сосема различни поводи, се чини дека имаат некои заеднички елементи. Еден од нив е отсуството на сериозна, осмислена стратегија на Европската унија, која дозволи во регионот на Западен Балкан да се прошири руското влијание преку главниот извршител, односно преку Србија. Влијанијата на руско-српската политика се видливи во Босна и Херцеговина преку активностите на Додик, во Црна Гора преку активностите на Српската православна црква и на Косово преку одсуство на чувство за реалност и преговори со Косово “, истакна Драшко Џурановиќ, политички аналитичар од Подгорица.

„Русија повеќе влијае врз Додик од Вучиќ“

Цвијетин Миливојевиќ, политички аналитичар од Белград, смета дека постои „топло-ладна игра“ што српскиот претседател Александар Вучиќ ја игра во Босна и Херцеговина, бидејќи, како што вели тој, има опсесија дека тој треба да биде гарант за стабилноста и еден вид регионален лидер на земјите кои не влегоа во Европската унија.

„Тој, во официјална и неофицијална комуникација со претставниците на РС, а особено со Додик, всушност ја игра улогата на „добро момче“. Ако Додик направи порадикален и недипломатски потег, тогаш Вучиќ е тука за да каже дека не се согласува со истиот. Не се сомневам дека тој го убедува Додик да направи одредени потези, но во секој случај, тој е оној што на некој начин може да изврши некаков притисок врз Додик со својот авторитет, од позицијата претседател на Србија. Но мислам дека во овој момент тој нема доминантно влијание врз Додик, туку дека доминантно влијание има Русија. Ако се консултирал со некој, верувам дека Додик се консултирал со Русите, вели Миливојевиќ.

Кризите и старата идеја за „голема Србија“

„Проблемот меѓу Белград и Приштина, како што се вели во Србија, е постојана и не само оваа власт на Вучиќ, туку и некоја идна власт, нема туку така да ја признае независноста на Косово, што е услов за Косово да влезе во ОН. Многу веројатно е дека тоа ќе остане замрзнат конфликт, но тоа не значи дека тој проблем мора да отвори воено жариште. Ако постојат тековни преговори, како што постојат, луѓето можат да живеат нормално“.

Агрон Бајрами, уредник на приштинскиот дневен весник „Коха Диторе“, не се согласува со овој став. Според него, главен фактор за сите овие кризи е „старата националистичка идеја за ’Голема Србија’, според која делови од сите тие земји треба да припаѓаат на српскиот народ, која за жал, сè уште има доминантна улога на официјален Белград“.

Младен Миросављевиќ, политички аналитичар од Бања Лука, смета дека ситуацијата во овие земји сега повеќе личи на зона на предвоен конфликт, во која секој на секого е „непријател“ со кого останале нерасчистени сметки. Во исто време, вели тој, Европската унија е збунета и неодлучна во однос на тоа дали и кои држави од регионот треба да бидат примени во членството.

„Како зона на предвоен конфликт“

„Глобалниот конфликт на интереси и рангирањето на тоа кој е до Америка, а кој до Русија и Кина има свои реперкусии во земјите од регионот, кои функционираат во споен систем. Ова би можело да биде глобална причина за кризите во регионот, но има и други, многу поважни причини. Имаме ситуација во која целиот регион и понатаму е крајно оптоварен со военото наследство. Од деведесетите години наваму не е изградено никакво демократско искуство, ниту политичка култура. Ситуацијата во Србија, БиХ и Црна Гора повеќе наликува на онаа од деведесетите години и се она што истовремено се случува во нив не е ниту малку случајно“.

Клучна причина за кризите, смета Миросављевиќ, е тоа што во тие земји не се случило ништо позитивно од воените 90-ти, власта е концентрирана во владејачките политички елити управувани од лице со апсолутна моќ, повеќе нема дијалог.

„Повеќе не постои никаква идеологија, освен идеологијата на интересите на групите и личните интереси, и тоа исклучиво на финансиските лични интереси“, заклучува Миросављевиќ.