Кому му требаат „искри“ на северот на Косово: „Незадоволството да го изразиме на мирен начин бидејќи сме сведоци на последиците што ги носи војната“

од Nikola Popovski
1,5K прегледи

Состојбата на северот на Косово во последните денови е главна тема, а зошто е потребно многу малку за оваа ситуација да стане ризична, но и зошто Србите кои не излегоа да гласаат се бунтуваат против градоначалникот кој победи на тие избори, со минимален број гласови, се отворени прашања.

Во обид да дознаеме повеќе за ситуацијата, но и за тоа како судирите меѓу локалните Срби и КФОР односно косовската полиција ќе влијаат на понатамошниот дијалог меѓу Белград и Приштина, „Локално“ разговараше со косовски и српски аналитичари. Според колумнистот и политички аналитичар Фадиљ Љепаја, сегашната ситуација на северот на Косово укажува на фактот дека претседателот на Србија воопшто не ја контролира ситуацијата во својата земја и дека тој всушност, како што вели, само трча за случувања диктирани од Русија и дека армијата и полицијата се под нивната контрола.

Фадиљ Љепаја

-Радикалните и антиевропски сили во Србија не сакаа да го дозволат договорот, бидејќи европскиот пат на Србија не е во нивен интерес. Русија, секако, сака да го префрли товарот на конфликтот на Балканот, кој доколку успее во намерата ќе ја спречи или барем ќе ја попречи најавената офанзива на украинските сили, оценува Љепаја.

Аналитичарот е дециден дека НАТО не сака конфликти на овие простори и не е во интерес на европска Србија да се судри со сите членки на НАТО што ја опкружуваат.

-Србите на Косово кои ги бојкотираа изборите да не дозволат радикалните сили да ја контролираат ситуацијата. Треба да веруваат во себе и дека на следните избори повторно ќе ги водат своите општини со паметни и европски политики и ќе бидат столб на соработката меѓу Косово и Србија. Во меѓувреме, нашето незадоволство треба да го изразиме на мирен начин, бидејќи сите сме сведоци на последиците што ги носи војната. Сите треба да бидеме разумни и да продолжиме со дијалогот по примерот на Бриселскиот и Охридскиот договор, порачува Љепаја.

Уште еден косовски аналитичар Леон Духанај за „Локално“ вели дека целата ситуација е влошена поради српскиот претседател Александар Вучиќ, но и премолчениот договор на косовскиот премиер Курти.

-Зошто го кажувам ова? Бидејќи од доаѓањето на Курти на власт имаме деградација на меѓуетничките односи на северот на Косово, каде како резултат на тоа се оди во прилог на Србија, односно Вучиќ. И овој пат, по Охридскиот договор, Вучиќ ги организираше Србите во последен момент да ги бојкотираат изборите. Како резултат на бојкотот на српската заедница, на изборите за градоначалник дојдоа некои претставници на албанските партии кои врз основа на малото учество се легални, но не и легитимни градоначалници, објаснува соговорникот.

Леон Духанај

Смета дека меѓународната заедница ги призна изборите како такви и во овој случај Вучиќ се најде во незавидна ситуација, ако само се погледнат масовните протести во Србија.

-Му требаше хаос на Косово, за да го префрли фокусот на јавноста од Србија на Косово. Тоа е постигнато со поддршка на хулигански групи од Србија, но и со помош на премиерот Курти, кој дури и за интереси на дневната внатрешна политика ги загрозува интересите на Косово како држава. Курти не ги прифаќа советите на меѓународните пријатели да не презема чекори кои Вучиќ и неговите банди би можеле да ги искористат за дестабилизација, истакнува Духанај.

Господинот Курти, додава тој, го направи спротивното, се приклучи на орото на Вучиќ и како и со табличките и барикадите го избра патот на конфликтот кој фрли црна сенка на Косово и неговите дваесетгодишни достигнувања.

-Вчера имавме организиран напад врз силите на КФОР и леење на крокодилски солзи од официјалната политика на Белград, велејќи се загрижени за судбината на косовските Срби, што воопшто не е точно. Напротив, косовските Срби се жртви на борбата за власт во Белград и се под постојана закана и затоа под контрола преку хулиганските банди. Од друга страна, меѓународната страна, особено Европа, обидувајќи се да ја држи Србија блиску, како резултат на специфичните односи во триаголникот Србија-Русија-Европска унија, ја стимулира српската хегемонистичка политика да ја игра оваа деструктивна улога, посочува аналитичарот.

Духанај заклучува дека за да се постигне конечен мир, потребен е жесток притисок врз секоја страна која не ги почитува или не ги спроведува постигнатите договори.

-Тоа се постигнува преку доследност, јасност, а не со давање двосмислени изјави како што тоа го прави Европската Унија, оставајќи простор за двете страни да имаат спротивставени толкувања, апелира соговорникот.

За разлика од нив, белградскиот политички аналитичар Драгомир Анѓелковиќ смета дека со оглед на тоа дека Србија има авторитарна влада која мисли само за сопствените интереси, тешко е целосно да се разграничат работите и објективно да се дефинира вината за ситуацијата.

Драгомир Анѓелковиќ

-Има многу кулиси и измами. Вучиќ се преправа дека го брани Косово, но всушност тргува со него за да добие поддршка од Западот за модел на влада што е тотално несоодветен за модерна Европа. Во овој контекст, тој е подготвен да се откаже од секој српски интерес. Од друга страна, кога ќе почувствува дека е загрозен и сега верува во тоа, тој е подготвен да игра одлучно и да биде генератор на значајни кризи. Накратко, со премногу попуштање, Вучиќ ѝ дозволи на Приштина да го окупира северот на Косово, кој претходно беше под контрола на Србите, но ако оцени дека му е корисно да остане на власт, може да тргне во друга насока и може да одлучи за индиректна вооружена интервенција. Во неговото опкружување веќе се зборува за формирање на Српската народноослободителна војска на северот на Косово, која како маска за делување на српските сили, доколку нема друга опција, би ја презела контролата врз тој дел од Косово и Метохија, вели Анѓелковиќ за „Локално“.

Посочува дека САД и водечките земји од ЕУ сакаат да го решат косовското прашање така што Србија би ја прифатила независноста на Косово и неговиот наводен територијален интегритет, а за возврат, Србите би добиле автономија.

-Тоа би било многу поблиску до договореното во Брисел во 2013 година, отколку што албанските власти се подготвени да им дозволат на Србите, но таквата Заедница на српски општини би се префрлила од технички во статусен контекст. Вучиќ, со одредено пазарење и одолговлекување поради непредвидливата реакција на јавноста во остатокот од Србија, постепено го прифаќа. Но, Курти е цврсто на ставот дека ЗСО мора да биде внатрешно прашање на Косово, а не дел од некој навистина обврзувачки меѓународен аранжман. Досега Западот им дозволуваше на Албанците да се однесуваат така како би го скршил Белград, но од друга страна, очекуваше дека кога навистина ќе го крене прстот, Приштина ќе застане и ќе им даде на Србите она што Вашингтон и Брисел го оценија како „ вистинска мерка“ за нив. Работите излегоа од контрола во тој натпревар. Агресивноста на Курти се заканува да уништи на северот на Косово сè што Западот успеа да изнуди од своите клиенти од Белград како компензација за интеграцијата во ЕУ, економскиот напредок и толеранцијата на авторитаризмот. На крајот, може да се случи Курти да испадне дека е обновувач на српската контрола врз северот на Косово, колку што беше Вучиќ до сега тој што инсталираше албански структури таму. Западот ќе се обиде да го спречи тоа со поголем притисок врз Курти, но прашање е дали има доволно време брзо да го скрши и да го натера да слуша, ни рече Анѓелковиќ за нашата редакција.

Во однос на тоа што може да се очекува во иднина, аналитичарот вели дека сè може да се случи.

-Од тоа што поради стравот од губење на власта во Белград, Вучиќ да повлече унилатерални радикални потези, до тоа Вашингтон да процени дека е време за креативно решение како што е, неформално, толерирање на влегувањето на српските сили на север и воспоставување таков аранжман каде што како и на Кипар, Британците и Американците беа постојан гарант на стабилноста. Преку таков модел на неформално разграничување, Србија сериозно би се поврзала со НАТО и би добила некаква компензација што би создала илузија дека не и е сè украдено. Повторно, интеграцијата во ЕУ би била полесна за Албанците. Можни се и низа други решенија или компликации, од палестинското сценарио во српските области, особено на северот на Косово, до враќањето во ситуацијата кога КФОР и ЕУЛЕКС имаа многу поголема контрола врз цело Косово на сметка на наводно „ независни“ приштински актери. Секоја од овие опции не е погодна за брзо продолжување на дијалогот. Во него имаше преголема измама на Србија за Вучиќ да може да продолжи да ја продава приказната за заемно корисна нормализација на односите на нашата јавност. Порано или подоцна треба да се случи дијалог по некоја основа, но пред тоа нè очекуваат бурни настани во некоја форма, анализира Анѓелковиќ.

Н.П.

Слични содржини