Во текот на вчерашниот ден и минатата ноќ, од „ЈП Комунална хигиена-Скопје“ информираат дека спровеле активности за собирање и транспорт на комуналниот отпадот од контејнерите поставени на булеварот Гоце Делчев до хотел ВИП, булеварот Партизански одреди, булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, улиците Даме Груев и Џон Кенеди, како и на повеќе локации во скопската општина Аеродром.
Во рамките на вчерашните активности биле подигнати вкупно 350 тони комунален отпад.
„Би сакале да ја информираме јавноста дека досега немаме добиено одговор од страна на градоначалниците на скопските општини каде го одлагаат отпадот од наводните активности за собирање на комуналниот отпад што тврдат дека ги спроведуваат во рамките на своите општини. ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на денешниот ден не забележа дека е подигнат отпад од страна на општинските комунални претпријатија во ниту една скопска општина. Се прашуваме дали навистина и на кои локации се одвиваат овие активности“, стои во соопштението на скопски „Комуналец“.
Метрополата се соочува со сериозна комунална криза, полни контејнери во општините во и околу централното градско подрачје. Oбвинителството истражува, се чека помош за чистење од други градови по вонредниот состанок на ЗЕЛС.
Граѓаните сега мака мачат со глодарите, кои се појавија низ градот, додека епидемиолози предупредуваат дека ситуацијата станува сериозна по здравјето на жителите.