Доцна синоќа екипи на ЈП Комунална Хигиена – Скопје целосно го исчистија плоштадот “Македонија” по успешната волонтерска акција за собирање на хуманитарна помош за настраданите во катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија.
Од „Комуналец“ информираа дека од плоштадот подигнати се неколку тони материјал кој не беше искористен како хуманитарна помош.
-Им благодариме и на волонтерите кои активно се вклучија и во акцијата за чистење на плоштадот „Македонија“, порачаа од претпријатието.
Покрај потребните и корисни материјали, по она што можеше да се види, во последните денови на плоштадот имаше расфрлани многу парчиња како стара и искината облека, стари чевли, искористени јоргани и останата „помош“.
По ова активистите за собирање хуманитарна помош апелираа да не донираме работи од коишто сакаме само да се ослободиме и да ги фрлиме.