„Комуналец“ му одговори на Ѓорѓиевски: Со две камиончиња по 800 килограми носивост не си помогнал во справувањето со кризата која ја предизвика

од Nikola Popovski
728 прегледи

ЈП „Комунална хигиена – Скопје“ испрати реакција по повод прес конференцијата на градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски. Како што велат, „со две камиончиња од по 800 килограми носивост, на ниту еден начин градоначалникот не помогнал во справувањето со кризата која ја предизвикаа токму тој и неговите партиски пријатели за што имаме и докази“.

– Срамота е да си градоначалник, а да немаш основно познавање на функционирањето на институциите. Што се однесува на прашањето, зошто 11 месеци се чекало за да се изречат решенија за отказ, еве една кратка лекција: За разлика од бандитското однесување на кое сме сведоци три децении во институциите, ние спроведовме детална анализа како и ревизија пред да ги донесеме овие решенија. Поднесени се и кривични пријави, и испочитувана е цела постапка со цел во иднина овие луѓе да не можат повторно да наштетуваат на претпријатието и граѓаните на град Скопје. Жалиме што мораме да констатираме, но, овој пат се преигравте, додаваат од таму.

Претходно од градската администрација информираа дека имотот на парцелата на ЈП „Дрисла“ е во сопственост и основана од страна на Советот на град Скопје е во директна надлежност на градот Скопје.

Изразуваат и жалење за, како што велат, ноторните лаги на Ѓорѓиевски, кои пак произлегуваат „од неговата функционална неписменост“.

-Општина Кисела Вода нема никаков договор со Дрисла, напротив, барањето за склучување на договор е испратено до ЈП Дрисла вчера на 11.07.2023 година. Договор има компанијата „Анизор“ која е ангажирана преку тендер од страна на општина Кисела Вода за одлагање на отпад во ЈП „Дрисла“ со која никогаш немало никаков проблем. Но, би сакале да го потсетиме Ѓорѓиевски дека вечерта кога го истураше отпадот пред ЈП „Дрисла“ самиот изјави дека тој чин го прави под „целосна сопствена одговорност“. Оттука, срамно е да плаче на прес-конференции и да се жали, наместо тоа, нека остане барем на едно ветување дадено пред јавноста – овој пат наместо да глуми храброст пред камери, нека ја докаже, велат од Кабинетот на градоначалничката Арсовска.

Ѓорѓиевски најави дека нема да ја плати, туку ќе ја оспори казната на суд и информираше дека за одлагање на отпад во „Дрисла“ нема потреба од никаков договор бидејќи има одлука во 2005 година дека сите општини можат во секое време да одлагаат во депонијата и да им се изработи фактура и да им се наплати.

Тој исто така додаде дека според ваквата логика на Арсовска и непознавање на надлежностите, таа утре може да се разбуди и да влезе во филм дека е министер за внатрешни работи, па да почне да казнува и да апси луѓе по улиците.

Во неделата, камиони во сопственост на општината Кисела Вода истурија смет пред капијата на депонијата откако не им беше дозволено да го одложат внатре.

Слични содржини