„Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“ да се расформираат, надлежностите да ги преземат општините, бараат скопските градоначалници

од Илинка Илиоска
35 прегледи

Да се одземат интеренциите на „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“, претпријатијата да се расформираат и нивните надлежности да ги преземат општините. Ова е заклучокот на денешниот координативен состанок на скопските градоначалници, свикан за да се разговара за актуелната состојба во Скопје.

Градоначалниците, како што изјавија, оцениле дека јавните градски претпријатија се нефункционални, не ги задоволуваат потребите на граѓаните, па затоа својот предлог за одземање на ингеренциите на двете јавни претпријатија ќе го достават до Владата и до Министерството за животна средина.

„Бараме Владата да назначи владин повереник во двете јавни претпријатија и да започне процес на трансформација, односно на расформирање на овие две јавни претпријатија и предавање на обврските, но и на одговорностите на секоја од скопските општини. Одговорно тврдиме дека како градоначалници, како што ги извршуваме своите обврски во изминатиот период и ги задоволуваме потребите на нашите сограѓани, со дополнително зголемување на обврските од овие две претпријатија, откако ќе бидат расформирани, ќе дадеме барем дупло подобра работа од она што го имаме во моментов“, рече градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски на прес конференција по завршувањето на состанокот.

Во однос на јавниот превоз Ѓорѓиевски посочи дека  и тука Владата која го сервисира долгот за набавката на автобуси во мандатот на Петре Шилегов мора да постапи, но нагласи дека градоначалничката Арсовска не е во состојба да ја отплаќа постојната рата за автобусите, а сака да набавува нови.

Градоначалникот на Кисела Вода не одговори на прашањето дали и советниците од ВМРО-ДПМНЕ, поради своето негласање во Советот на Град Скопје имаат вина за состојбата во која се наоѓа градот, но кажа дека „комуникацијата е двонасочна улица“, а таа комуникација веќе две години не постои меѓу Град Скопје и ниту една општина.

По прес-конференцијата, Ѓорѓиевски на Фејсбук објави дека се преплавени од поплаки од  граѓаните кои бараат општинските градоначалници да направат нешто кога веќе градот Скопје не се грижи. Тој напиша: „Итно одземање на ингеренциите на Данела Арсовска!“

Слични содржини