„Комунална хигиена“: Отпочнавме дисциплинска постапка против вработената која денеска предизвика инцидент

од Nikola Popovski
286 прегледи

ЈП „Комунална хигиена-Скопје“ вечерва соопшти дека отпочната била дисциплинска постапка за вработената која предизвикала инцидент со двајца новинари.

-Работниот процес мора да се одвива професионално и со почит кон секој. Претпријатието е отворено и транспарентно за сите граѓани и медиуми и во иднина нема да се дозволи недолично или несоодветно однесување во Претпријатието, а сѐ во насока на имплементација на реформи за подобри работни процеси во интерес на граѓаните, велат од „Комунална хигиена“.

Од таму исто така информираат дека на 33 лица кои биле вработени, преку АПВ, во ЈП „Комунална хигиена“-Скопје кои месеци и години земале плата а не оделе на работа, денес им завршиле договорите и истите не се продолжени.

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) денеска ја осуди постапката на службеници од секторот за односи со јавност и од обезбедувањето на претпријатието кои денеска сериозно ги прекршиле правата на новинарите Фуркан Салиу и Авни Тахири, преку насилно одземање на нивната опрема и нивно незаконско задржување против нивна волја.

-Според колегите, овој скандалозен настан се случил денеска во просториите на ова јавно претпријатие во Скопје. Во овој инцидент службеничка која се претставила како одговорна за односи со јавност, по претходна вербална расправа со двајцата новинари, на колегата Салиу му го одзела телефонот и одбивала да го врати. Истовремено, тројца членови на обезбедувањето од Дирекцијата на „Комунална хигиена – Скопје“, против волја на двајцата новинари ги задржале во просториите на оваа институција и истите биле ослободени дури откако пристигнале припадници на МВР, кои дошле набргу по претходна пријава од новинарот Тахири, соопштуваат од ЗНМ.

Слични содржини