Иако не е една од најголемите земји каде што се користи Тикток, Албанија може да направи преседан со својот потег. Имено, премиерот на Албанија, Еди Рама најави дека ТикТок ќе добие едногодишна забрана во неговата земја. Причина за ваквата одлука, објасни тој, е убиството на тинејџер минатиот месец, што предизвика стравувања за влијанието на социјалните мрежи врз децата. 14-годишен ученик беше избоден до смрт од негов врсник во ноември. Локалните медиуми објавија дека инцидентот следел по расправија меѓу две момчиња на социјалните мрежи. На ТикТок се појавија и видеа од малолетници кои го поддржуваат убиството. „Денешниот проблем не се нашите деца, денешниот проблем сме ние, денешниот проблем е нашето општество, денешниот проблем е ТикТок и сите други кои ги земаат нашите деца како заложници“, рече Рама. Тој додаде дека забраната е дел од поширок план за побезбедни училишта и ќе стапи на сила на почетокот на следната година. Ги обвини социјалните медиуми, а особено ТикТок за поттикнување насилство меѓу младите во и надвор од училиштето.
Каква е ситуацијата во Македонија и дали можеме да очекуваме слична забрана?
Ваквите случувања допринесоа влијанието на ТикТок да се најде во центарот на вниманието и да се стави на маса предлогот за регулација или забрана и во Македонија, затоа што според многумина ситуацијата е алармантна. Неодамна најмалку 20 деца настрадаа од предизвикот „Супермен“ токму на истата платформа. Притоа најмалото имаше само осум години, дел од децата имаа и скршеници, а шокантно беше дека голем дел од нив се повредија во училиште.
Дел од експертите во Македонија појаснуваат дека светот познава низа на парцијални ограничувања во користењето на ТикТок, а тие особено се применуваат во земјите членки на НАТО и ЕУ. Според комуникологот Бојан Кордалов, тука имаме легитимна основа, како членка на НАТО Алијансата да разгледаме и примениме дел од таквите мерки бидејќи станува збор за заштита на националната и колективната безбедност, заштита од тргување со информации, заштита на приватност, демократија итн.
-Не само децата, туку и младите биле изложени на штетни предизвици на ТикТок, но и на други платформи. И тоа со право го стегнува ременот околу оваа платформа и бара конкретен план да се справи со овие проблеми и вложи сериозни напори за безбеден интернет особено за децата.
Во исто време, потсетување дека социјалните медиуми се празен канал, кој дава можност секој од нас да го полни со различни канали. Оттука, луѓе со име и презиме, групи сочинети од луѓе со име и презиме се тие кои ако прават или поттикнуваат недозволени работи треба да бидат санкционирани во демократска постапка, според сите правни процеси. Значи институциите да дејствуваат во превенција, но кај што се прекршил законот и во казнување од педагошки мерки за децата до пропишани прекршочни или кривични казни за сите останати, вели Кордалов во разговор за „Локално“.
Соговорникот истакнува дека потсетник за секој од нас, по ова е дека никој нема да не замени како родители, наставници, возрасни или наједноставно никој нема да ни ги воспитува и едуцира децата освен ние самите, па оттука треба да се запрашаме како општество зошто дознаваме за овие онлајн предизвици откако ќе настане некаква или голема штета или трагедија.
Околу евентуална забрана на канал или социјален медиум за деца и млади, Кордалов смета дека делува како наједноставна и најцелисходна мерка, која ако се примени треба да бидеме сигурни дека ќе можеме целосно и без последици да ја спроведеме. Бидејќи, како што вели, кај секого, а особено кај најмладите кога ставате забрана и така ја комуницирате, ги создавате следните две појави:
Како прво, расте цената и желбата за тоа што е забрането и се бара начин да се дојде до тоа по секоја цена и како второ, се појавува или популаризира масовно друг канал или социјален медиум кој ќе се профилира со ширење на такви или уште поопасни содржини.
-Превенција, едукација, јавно зборување постојано на темава и секако казни секаде каде се прекршил законот. Нема друг излез, особено одржлив кој ќе создаде отпорни млади генерации кои никогаш нема да западнат во ваква или слична ситуација во својот живот, наведува Кордалов.
Неодамна министерот Стефан Андоновски изјави дека е опасно доколку Македонија влезе во забрана на социјални платформи и апликации и дека би било штетно да одиме кон целосно забранување. На прашањето дали Албанија направи штетен потег со оглед дека земјата се смета за европска, либерална и држава која верува во прогресивните вредности на ЕУ, комуникологот оценува дека секоја земја си носи свои одлуки, но апелира да се базирани само на наука и стручност, а не под влијание на емоции и акција по секоја цена за да се смири стравот.
-Впрочем, во ковид кризата имаше некои забрани кои не произлегува од науката и медицината, па доволно е само од денешна перспектива секој од нас да размисли дали се спроведоа, во колкава мера и дали повеќе дадоа ефект или пак последици со кои ние и ден денешен се справуваме, заклучува Кордалов.
Од друга страна, универзитетскиот професор и комуниколог, Сеад Џигал тврди дека Македонија не треба да тргне по стапките на Албанија бидејќи искуствата покажуваат дека рестриктивните и репресивните мерки за вакви комплексни прашања не функционираат. Според него, генезата на овие штетни и опасни појави засега длабоко во делот на воспитанието, образованието и општествената култура, така што за нивно решавање потребни се подлабоки и повеќестрани мерки.
Џигал е дециден дека забраните и цензурите во демократиите во развој се опасна и ризична мерка бидејќи веројатноста од злоупотреби е прилично голема.
-Во системи каде владеењето на правото и институционалната стабилност е сѐ уште кревка, а постои и голема политичка поларизација, ова се мерки кои не се препорачливи. Во случајот на Албанија веројатно се работи за добра политичка ПР мерка со која власта сака да покаже солидарност и поддршка за загрижените граѓани, но проблемот мора да се решава на повеќе нивоа и за тоа е потребно значително време, вели комуникологот во разговор за „Локално“.
Соговорникот оценува дека каква било слична одлука со забрана може само да има одреден краткотраен политички ефект. Тврди дека за правилно справување со овој проблем потребен е заеднички и координиран приод од институциите, образовниот систем, граѓанскиот сектор и секако вклученост на граѓаните.
-Контраефектот кај младите е речиси сигурен бидејќи тие како корисници само ќе ги сменат платформите и апликациите на кои ќе продолжат со слично или идентично користење на социјалните мрежи. За сериозно справување потребни се соодветни акциски планови и стратегии за превенција, едукација и тренинг на сите засегнат чинители, како и позначителна вклученост на медимуската едукација во наставните програми, ни рече Џигал во разговорот.
Колку за потсетување, ТикТок се соочува со закани од регулаторите ширум светот. Во ЕУ мора да се прилагоди на европските регулативи, а неколку европски земји, меѓу кои Франција, Германија и Белгија, воведоа ограничувања за користење на социјалните мрежи за деца.
Во ноември, Австралија одобри целосна забрана на социјалните медиуми за деца под 16 години, што го вклучува и TикТок. Во исто време во САД, оваа социјална платформа се соочува со потенцијална забрана поради загриженоста на американската влада за националната безбедност.
Околу забраната во Албанија, од глобалната компанија рекоа дека бараат „итно разјаснување“ од албанската влада.
-Не најдовме докази дека сторителот или жртвата имале профили на TикТок, а многумина, всушност, потврдија дека видеата што довеле до овој инцидент биле објавени на друга платформа, а не ТикТок, изјавил портпаролот на компанијата.
Н.П.