Епидемиолог и член на Кризниот штаб на Србија, Предраг Кон, вели дека годинава не очекува вакцина против коронавирус. На тој начин, Кон практично го демантираше претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој изјави пред две недели „дека сме во разговори со земја што ја завршила вакцината, завршиле со тестирање и се надеваме дека ќе можеме да ја имаме вакцината пред крајот на годината“.

Кон, сепак, не е толку оптимистичен како претседателот.
„Сакам да бидам оптимист, но за жал имам одредено искуство. Кога ќе речат дека доаѓа вакцина и тогаш ви испраќаат неколку десетици илјади и единствено што можете да направите е да се запрашате што ќе направам со тоа сега“, додава Кон, пренесе РТС.
На прашањето дали се плаши од отпорот спрема вакцините, Кон рече дека е загрижен затоа што „сè и сешто се шири на социјалните мрежи, има огромен број луѓе кои се несигурни“.
„Меѓутоа, секогаш има повеќе од половина од оние кои тврдат дека веднаш ќе ја примат вакцината, и тоа во сите истражувања. Ако тоа е вистина, тоа е повеќе од доволно“, посочи Кон.