Концерт на Национален џез оркестар и Курт Розенвинкел

Гитарскиот виртуоз Курт Розенвинкел, кого Ерик Клептон го нарече „гениј“, за првпат ќе настапи во Скопје заедно со Националниот џез оркестар

од Nikola Popovski
8 прегледи Фото: Национален џез оркестар

Гитарскиот виртуоз Курт Розенвинкел, кого Ерик Клептон го нарече „гениј“, за првпат ќе настапи во Скопје заедно со Националниот џез оркестар. Концертот ќе се одржи на 1 октомври 2025 година, со почеток во 20:00 часот, во Националната опера и балет, под диригентство на маестро Владимир Николов.

The New York Times за него пишува:

„Со само неколку ноти, Курт Розенвинкел кажува повеќе отколку што многумина гитаристи постигнуваат за цела кариера. Непоколеблив истражувач кој зазеде единствено место во џез-светот со својата сложена и суптилна визија.“

Веќе три децении, Розенвинкел ја обликува современата џез-сцена со својот препознатлив стил и музичка длабочина. Од своите први настапи во Њујорк во 1991 година, тој се издигна како вистински иноватор, создавајќи албуми кои инспирираат генерации музичари и љубители на џезот ширум светот.

Неговата музика остава неизбришлив белег во историјата на гитарската уметност, а неговите живи настапи пленат со виртуозност и емоција. Фановите често велат дека Курт „ја оживува гитарата на начин што остава без здив“.

Во рамки на концертот ќе бидат изведени авторски композиции на Курт Розенвинкел, аранжирани за биг-бенд оркестар.

Билетите за концертот може да се набават online на MKTickets и на продажните места на МКТикетс.