Министерката за внатрешни работи на Австралија, Карен Ендрјус изјави дека конечната одлука за влез во земјата на најдобриот тенисер во светот Новак Ѓоковиќ ќе ја донесе владата на таа земја.
Ѓоковиќ вчера објави дека ќе игра на Австралија опен и дека е на пат за Мелбурн, бидејќи добил медицинско ослободување од две независни комисии и покрај строгите правила за вакцинација против коронавирусот.
Вршителот на должноста премиер на Викторија, Џакинта Алан рече дека државата му дозволила на Ѓоковиќ да влезе, а Ендрјус посочува дека конечната одлука ја носи владата на Комонвелтот.
„Владата на Викторија и Тенис Австралија може да дозволи невакциниран играч да се натпреварува на Австралија опен, но владата на Комонвелтот е таа што ќе ги спроведе нашите барања на границата со Австралија. Од 15 декември 2021 година, целосно вакцинирани иматели на визи може да патуваат во Австралија без да мора да аплицираат за ослободување од патување и да влезат во соодветните земји и територии без карантин. Ако лицето што пристигнува не е вакцинирано, тој/таа мора да обезбеди прифатлив доказ дека не може да се вакцинира од медицински причини за да има пристап до истиот патнички аранжман како целосно вакцинираните патници. Ниту еден поединец кој се натпреварува на Австралија опен нема да има посебен третман“, изјави Ендрјус.
Отвореното првенство на Австралија започнува на 17 јануари.