Голема студија направена во Бразил покажа дека хидроксихлорокинот, кој претседателот Жаир Болсонаро силно го промовираше како терапија за вирусот на корона, е неефикасен за лекување на ковид пациенти, пишува Би-Би-Си.
Хидроксихлорокинот стана популарен на почетокот од оваа година, кога се појави надеж дека овој анти-маларичен лек може да им помогне и на лицата со КОВИД-19.
Од мај, бразилската влада им препорача на болниците да го препишуваат овој лек на пациенти заразени со коронавирусот, па дури и претседателот на оваа земја рече дека тој земал хидроксихлорокин како терапија, откако било потврдено дека е заразен со КОВИД-19 на почетокот на јули.
Слично мислење имаше и американскиот претседател Доналд Трамп, кој рече дека хидроксихлорокинот може да биде корисен за третман на пациенти заразени со корона.
Сепак, големото клиничко испитување спроведено на универзитетот Оксфорд во јуни покажа дека хидроксихлорокинот е неефикасен, по што Светската здравствена организација спроведе свое истражување за овој лек.
Сега, тим на научници кои спроведоа истражување во Бразил ги добија истите резултати.
Студијата опфати пациенти заразени со коронавирус со благи до умерени симптоми на болеста од 55 болници во оваа земја, вкупно 667 од нив, а студијата покажала дека лекот не е ефикасен во лекувањето на КОВИД-19 и може да има штетни несакани ефекти.
Истражувањето е објавено во научното списание New England Journal of Medicine.
Авторите на студијата забележале дека има одредени ограничувања и дека „тестирањето не може дефинитивно да исклучи ниту значителна корист од тестираниот лек или значителна штета“.