Јавното обвинителство за денеска закажа распит на пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски за настаните од 27 април.

Од снимките на службените камери во Собранието се гледа како овие двајца пратеници на ВМРО-ДПМНЕ ги отвораат вратите од главниот собраниски влез пред да влезе толпата која ги предизвика крвавите настани на 27 април. На распитот во обвинителството Мукоски и Василевски ќе треба да ги објаснат овие нивни постапки.

На листата на „помагачи“ се најдоа пратениците на опозициската ВРМО-ДПМНЕ: Јохан Тарчуловски, кој во меѓувреме стана кандидат за градоначаник, Жаклина Пешевска, Љупчо Димовски, Љубен Арнаудов, Трајко Велјаноски и веќе споменатите Крсто Мукоски и Сашо Василевски.
Всушност, имињата на овие пратеници прв, на својот фејсбук профил, кратко време по вандализмот, ги посочи потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири, но токму Мукоски беше тој кој што ја негираше неговата инволвираност во бруталните случувања.
„ Јас не сум ја отворил вратата на парламентот. Точно е дека бев во ходникот, дали е тоа забрането? Јас имам право да се движам слободно насекаде низ Собранието. Ја видов снимката и не гледам од каде е изведен заклучок дека јас сум ја отворил вратата. Се е шпекулација. Истрагата ќе покаже кој го сторил тоа“, изјави Мукоски за медиумите кои, пак, ги презентираа снимките од безбедносните камери, а кои го покажуваат токму спротивното, односно дека тој и Василевски ги отстрануваат металните држачи кои ги блокираат вратите, по што толпата влегува во Собранието.
Насилството во Собранието: Обвинителството ја истражува улогата на тајните агенти
Освен овие двајца, на снимките се гледа дека и пратеникот Јохан Тарчуловски имал слична улога за време на настаните од 27 април.
Се претпоставува дека деновиве на распит ќе биде повикан и Тарчуловски и уште неколкумина други пратеници кои исто така биле во холот на Собранието пред да влезе толпата.
На 30. април 15 лица беа осомничени за сторени кривични дела: учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие и за учество во толпа што ќе изврши кривично дело. Во меѓувреме, многу од насилниците се најдоа зад решетки со обвиненија за обид за убиство, а еден од обвинетите веќе е осуден на четири години затвор.