Средбата меѓу претседателот на САД, Доналд Трамп, и претседателот на Русија, Владимир Путин, најавена за в петок, ќе се одржи во Енкориџ, Алјаска, потврди денеска Белата куќа.
Информацијата, како што пренесува Си-ен-ен, ја соопшти портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит на средба со новинарите. Таа посочи дека времето и плановите за евентуална заедничка прес-конференција сѐ уште се договараат.
Белата куќа ја опишува претстојната средба како „вежба за слушање“, со што се чини се намалија очекувањата за мировен договор пред самитот.
„Ова е вежба за слушање за претседателот. Само една страна што е вклучена во оваа војна ќе биде присутна, па затоа претседателот треба да оди и да стекне поцврсто и подобро разбирање за тоа како би можеле да ја завршиме оваа војна. Состанокот лице в лице, наместо разговор по телефон, ќе му даде на претседателот најдобар показател за тоа како да се стави крај на војната и во која насока се движат работите“, изјави Ливит.