Коневски: Соочени сме со мизерни напади од блиски луѓе на Мицкоски, се тресе неговата фотеља

од Nikola Popovski
304 прегледи

Поранешниот градоначалник на општина Аеродром и дел од Иницијативниот одбор за промени во ВМРО-ДПМНЕ, Ивица Коневски денес објави дека во изминатите денови се „соочени со гнасни и мизерни нападни од страна на блиски луѓе на Мицкоски по социјалните мрежи“.

„Тие под негова команда ги омаловажуваат и навредуваат сите делегати кои секој ден сѐ помасовно се приклучуваат кон идејата за Вонреден конгрес и негова смена! Методите на напад се брутални против секој кој бара негова смена“, објави денес поранешниот градоначалник на својот Фејсбук профил.

Според него, „сѐ посилните навреди и клеветења го покажуваат стравот дека фотељата на Мицкоски секој ден сѐ посилно се тресе“.

„Примитивните напади покажуваат дека дното е допрено, подолу не може да се отиде! Деструкција, навреди, клевети на секој чекор, но издржавме и ќе издржиме! Крајот е близу, а Мицкоски во моментов е давеник кој бара сламка за да се спаси не бирајќи средства и начини да се задржи на позицијата на која е!

Никој и ништо не може да нѐ заплаши! Имаме обврска и одговорност кон членството да ја поправиме грешката која ја направивме кога го гласавме #Мицкоски за нов претседател на #ВмроДпмне!

Драги делегати, сега е моментот масовно да излеземе и да покажеме дека никакви измислици нема да нѐ сопрат. Знаеме кои сме и што сме! Конгресот е на прагот! Заедно сме посилни!

Време е да се стави крај на сите поделби и #ВмроДпмне да се врати на вистинската патека, патеката која носи победи, а не деструкција“, пишува Коневски.

Од Иницијативниот одбор деновиве соопштија дека Вонредниот 17-ти Конгрес на партијата, закажан на 28 март во Скопје е добра можност за да се отвори поширока дискусија за проблемите со кои се соочуваше партијата и да се зборува за иднината на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Слични содржини