Срамно е Сокол Митровски да биде јавно понижуван со упад во неговиот дом и да се вознемирува целото негово семејство, а истиот тој упад е организиран од врхушката на СДС заедно со тие против кои Сокол се бореше во 2001 година, изјави Ивица Коневски од ВМРО-ДПМНЕ во врска со приведувањето на поранешниот градоначалник на општина Ѓорче Петров.

Според него, апсењето на Митровски е дефокусирање од вистинските проблеми во кои СДСМ ја втурнал Македонија.
„Денеска во 4 часот наутро е уапсен Сокол Митревски. Генералот Сокол Митревски, кој беше досегашен градоначалник на општина Ѓорче Петров, ниту е криминалец, ниту сторил нешто за полицијата да се изживува со него и неговото семејство на ваков начин. Ова е само продолжување на притисокот кој го врши СДС и понижување на Македонија и сè што е македонско, и тоа преку државните институции кои се користат како средство за пресметка со политички неистомисленици“, рече Коневски.
Жителите на Скопје и целата македонска јавност, додаде тој, знаат дека Сокол Митревски во 2001 година застана на браникот на Македонија кога некои лица кои сега се наоѓаат во владата или беа на другата страна или бегаа од регрутација.
„Митревски е човек кој како воено лице ѝ има служено на државата и нејзините граѓани и се грижел за нивната безбедност. Срамно е Митревски да биде јавно понижуван со упад во неговиот дом и да се вознемирува целото негово семејство, а истиот тој упад е организиран од врхушката на СДС заедно со тие против кои Сокол се бореше во 2001 година“, рече Коневски.
Додека СДС од затвор ослободува криминалци како Красниќи или Бајруш Сејдиу, рече Коневски, во затвор ги става луѓето кои се бореле за Република Македонија како Сокол Митревски и Едмонд Темелко, кој е единствен македонски градоначалник надвор од Македонија. „Овој напад не е само врз Сокол, овој напад е врз ВМРО и Македонија“, истакна Коневски.