В сабота Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ треба да ја потврди одлуката за вонреден конгрес на кој треба да се констатира оставката на Никола Груевски, но и да се избере негов наследник, информира ТВ24.
Партиските функционери воздржани, но во ВМРО-ДПМНЕ постојани координации и консултации и групирања во пресрет на брзиот состанок на највисокото партиско тело, кое по речиси 15 години треба да го прати Никола Груевски во партиската историја.
Според информациите, новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ ќе се избира во Валандово. Христијан Мицковски, актуелниот генерален секретар, според партиските брифинзи е речиси извесен кандидат за нов претседател и неофицијално и фаворитот на лидерот, иако Груевски денеска одби да каже зад кого ќе застане.
Од друга страна, се функционерите кои со години се ударни тупаници во ВМРО-ДПМНЕ – Илија Димовски, Никола Попоски, Антонио Милошоски, кој од нив и дали сите или пак заеднички за еден кандидат ќе ја бараат довербата од делегати, никој не открива.
Велат рано е да се коментира, или пак да се типува, бидејќи пред да почнат да се официјализираат кандидатите, мора да помине состанокот на ЦК, по што од недела веќе се очекуваат кандидатурите. ТВ 24 веќе објави дека новиот лидер ќе добие и потпретседатели, а новиот генерален секретар ќе има повеќе моќ, ќе се менува и партискиот статут со што партијата ќе се децентрализира.
Паралелно со подготовките за конгрес, во најголемата опозициска партија треба да се пресече како пратеничката група, кој во моментов го бојкотира Собранието ќе продолжи да функционира, односно дали официјално ќе го напушти законодавниот дом и ќе се радикализира, што би значело и бојкот на останатите институции, како што е случајот со локалните совети или пак пратениците ќе го блокираат собранието од внатре нешто што се случуваше пред локалните избори, велат засега нема конечна одлука.
Според партиски извори најверојатно конечната одлука за идното опозициско делување, да го чека и новото раководство, бидејќи може да се доведе во прашање кредибилноста на одлуката со лидер во оставка.