Коњите во Зоолошка биле отруени со брзоделувачки отров, се проверуваат снимките од камерите за да се најде сторителот

од Nikola Popovski
473 прегледи

Официјалните резултати од обдукциските наоди покажуваат дека сортните коњи во ЗОО Скопје се отруени со брзоделувачки отров, штотуку информираа од Скопската зоолошка градина. Резултатите од обдукцијата се доставени во МВР и во Агенцијата за храна и ветеринарство за понатамошно постапување.

ЗОО Скопје поднела и официјална кривична пријава, а по сторителот активно се трага и се проверуваат сите снимки од безбедносните камери.

Ваквиот срамен и кукавички чин силно го осудуваме и апелираме до МВР и Обвинителството да постапат што е можно побрзо со цел санкционирање на сторителот, стои во соопштението од Скопската зоолошка градина.

Во Скопската зоолошка градина на крајот на месец јули за два дена угинаа три ретки и многу вредни коњи кои се со потекло од Монголија.

Смртта на коњите во полиција ја пријавил вработен во Зоолошката градина кој се посомневал дека тие се отруени.

Овие коњи се донесени во овдешната Зоолошка градина од Австрија како донација. Коњите претходно не покажувале знаци на болест, а во близина имало и мртва птица.

Во Зоолошката градина во мај угина и жирафата Каспер, кај која, како што покажаа анализите, смртта настапила поради инфекција со салмонела.

Македонија веќе го загуби кандидатскиот статус за членство во Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА). Како што веќе беше објавено, причините за губање кандидатски статус било прекин на комуникацијата со ЕАЗА во изминатиот период, двегодишна стагнација на Зоолошката, неизградениот аквариум и честото менување директори.

Слични содржини