Коњуфца му честиташе на Гаши, најавува продлабочување на соработката меѓу Косово и Македонија

од Nikola Popovski
623 прегледи

Претседателот на Собранието на Косово, Гљаук Коњуфца му честиташе на Африм Гаши за неговиот избор за претседател на македонското Собрание и порача дека се радува на соработката која ќе ги промовира заедничките интереси и ќе придонесе за стабилноста на регионот.

„Албанците не се само симбол на демографијата, туку и на демократијата во политиката на Северна Македонија, така што денес оската меѓу слободата и еднаквоста на граѓаните се почитува со изборот на Гаши за претседател на Собранието. Очекувам дека ќе продолжи во инклузивен дух и сакам законите, практиките и демократската култура да не зближат уште повеќе како визија за иднината што ветува за двете наши земји“, навел Коњуфца во честитката.

Тој истакнал дека со задоволство ќе ја продлабочи соработката меѓу Косово и Северна Македонија, како и двата парламента.

„Со нетрпение очекувам да започнеме со работа на унапредување на нашите заеднички интереси што е можно повеќе, за заеднички да придонесеме за одржлива регионална стабилност и евроатлански цели. Очекувам дополнително да се консолидираат односите меѓу нашите институции“, заклучил Коњуфца.

За Гаши вчера гласаа 76 пратеници.

Во првото обраќање по стапувањето на функцијата,  тој им се заблагодари на довербата на народните избраници и рече дека ќе го гарантира правото на лично мислење и говор и на пратениците од власта и од опозицијата.

Гаши свечената заклетва ја даде прво на албански, па на македонски јазик.

Слични содржини