Тренерот на Милан, Серхио Консеисао зборуваше пред утрешното дерби против Интер. Тој ги коментираше трансфер гласините и информациите дека има проблеми со некои играчи.
„Читам многу лаги и тоа ме нервира. Во оваа соба сум неколку дена. Ако имате било какви сомнежи или прашања, ќе ви одговорам, но лагите болат. Играчите се на социјалните мрежи и не е лесно да се справиме со групата кога има толку многу шпекулации за трансфери, а нашата работа е на теренот. Морам да се справувам со работи кои не се моја работа, но ова е единствениот начин бидејќи сакам тимот да биде во најдобра можна состојба“, изјави Консеисао.
По доаѓањето на Португалецот, Милан го освои италијанскиот Суперкуп во Саудиска Арабија, откако во финалето го совлада Интер. Тренерот ќе бара начин да го повтори овој успех во своето прво дерби на „Сан Сиро“.
„Сите тимови имаат слабости и мораме да ги најдеме. Овде сум само еден месец, но се чувствувам како да сум повеќе време бидејќи поминав толку многу часови на теренот. Ја практикувам мојата професија со многу страст и желба за победа. Имав многу понуди, но го избрав Милан бидејќи не можеш да одбиеш клуб како Милан. Ова е важен чекор во мојата кариера и сакам да се претставам добро. Веќе освоивме еден трофеј и се натпреваруваме на други турнири. Можеме да ги постигнеме нашите цели, иако нема да биде лесно. Работите ќе бидат помирни по затворањето на преодниот рок“.
„Ова е едно од најголемите дерби во светот, а за мене ова ќе биде прво дерби на „Сан Сиро“ како тренер. Среќен сум, но знам дека тоа е голема одговорност и ова не е најдобриот период за Милан. Интер е многу силен, играчите добро се познаваат. Сепак, знаеме дека можеме да ги искористиме нивните слабости. Се соочив со Интер во Лигата на шампионите со Порто, и оттогаш тие не се многу променети“, прокоментира тренерот.
Во последните денови од преодниот рок се очекува Милан да направи неколку трансфери. Давиде Калабрија е блиску до трансфер во Болоња, а Алваро Мората е на пат во Галатасарај. Нејасна е и иднината на Фикајо Томори, иако тој одби трансфер во Тотенхем.
„Пазарот е отворен и има многу гласини кои не се лесно да се контролираат во соблекувалната, но ние сме концентрирани на натпреварот и тоа е најважно. Ако Томори игра утре, ќе игра. Се потпирам на сите мои играчи. Имав 10 играчи во Порто кои си заминаа како слободни играчи и тие играа до последната секунда“, објасни Консеикао.