Конститутивна седница на Координативното тело за одбележување на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот литературен јазик

од Nikola Popovski
25 прегледи

Денеска во Порта Македонија се одржа конститутивен состанок на Координативното тело за изготвување на програмата за одбележување на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот литературен јазик.

На првата конститутивна седница, министерот Љутков се заблагодари за присуството и за посветеноста да бидат дел од оваа значајна и одговорна работа, со која се означи почетокот на подготовките за одбележување на еден многу важен и значаен јубилеј за нашата земја и за нашиот народ.

„Конституирањето на ова координативно тело е многу важен чекор за организирање на сите активности што ќе го одбележат овој значаен јубилеј. Со вашата експертиза, посветеност и соработка, сигурен сум дека ќе создадеме програма што ќе ја истакне важноста на македонскиот литературен јазик, ќе го прослави неговото наследство и ќе ја промовира неговата современа употреба“, рече Љутков.

Наша задача е, како што рече, да организираме настани, изложби, конференции, издавање публикации и други културни активности што ќе го истакнат значењето на македонскиот јазик како носител на културната и националната меморија, но и како живо средство за комуникација, за образование и креативност во денешно време.

„Како министер за култура, сметам дека овој јубилеј не е само повод за славење на минатото, туку и важен момент за размена на идеи за иднината на македонскиот литературен јазик. Во текот на овие 80 години, нашиот јазик се развива и осовременува, а ние, како носители на културната политика, имаме одговорност да го негуваме, да го штитиме и да го пренесуваме на идните генерации“, рече Љутков.

Тој порача овој јубилеј да биде поттик за нови размислувања за иднината на македонскиот литературен јазик, за неговото место во глобалниот контекст, но и за неговото место и развој во сите сфери на животот.

Слични содржини