Менаџерот на Челзи, Антонио Конте јавно го нападна Роман Абрамович и останатите шефови на клубот дека не ги делат неговите амбиции.
Ова се случи на прес-конференцијата пред натпреварот против Манчестер Сити, кој ќе се одигра утре.
„Не знам дали моите амбиции се делат и од клубот. Многу е важно шефовите и тренерот да имаат исти ставови. Да се подобри тимот, да се донесат квалитетни играчи. Ако има таква ситуација, тогаш може да се освои како титулата, така и ФА Купот и Лигата на Шампионите“, рече Конте.
„Имам огромни амбиции, кои се поврзани со овој тим, но немам пари за трошење. Шефовите не ми ги даваат потребните средства за селекција. Клубот одлично знае какви се моите амбиции. Јас сум победник, а не губитник“.
Се разбира, по овие изјави на Конте, односите меѓу него и неговите шефови ќе станат уште покомплицирани.
Познато е дека во текот на летото речиси сигурно двете страни ќе се разделат.