Лидерот во Серија „А“, Наполи, ја продолжи својата импресивна серија од девет натпревари без пораз во шампионатот по победата против Милан во вторникот и тренерот Антонио Конте повеќе не може да ги отфрла амбициите за освојување на Скудетото.
Наполи победи со 2-0 на „Сан Сиро“ и има девет првенствени натпревари без пораз и седум бода повеќе на врвот пред милански Интер, кој гостува во Емполи во среда.
И покрај еуфоријата меѓу навивачите на Наполи, Конте продолжува да се обидува да ги балансира очекувањата во клубот.
„Скудетото? Никој не се крие. Реално гледаме што правиме оваа година“, изјави тој за DAZN.
„По 10 натпревари има нешто неверојатно и неочекувано, тоа не би го предвиделе ниту најлудите. Но, ние остануваме приземјени. Знаеме која е нашата цел, а тоа е да се вратиме во Европа. Но, има пет или шест тима кои ја имаат истата идеја. Си дадовме три години, обновуваме нешто и за тоа е потребно време“, рече Конте.
По таков импресивен старт, Конте знае дека ќе биде тешко да ги спречи симпатизерите на Наполи да размислуваат за ново освојување на титулата.
„Се обидуваме да ги нахраниме соништата на навивачите, но мораме да имаме рамнотежа. Нашите навивачи не следат со страст, правилно е што сонуваат. Мораме да бидеме подготвени кога има некаков неуспех. Сакаме да ги натераме навивачите да бидат горди на овој тим“, изјави уште Конте.