Тренерот на Тотенхем, Антонио Конте изјави дека можеби не е вистинската личност да го води тимот и дека е подготвен да го напушти клубот, по серијата лоши резултати.
Тотенхем синоќа загуби од Барнли со 0:1 и го претрпе четвртиот пораз во последните пет натпревари во Премиер лигата.
На крајот од мечот разочараниот Конте отиде директно во соблекувалната, а потоа се појави пред медиумите.
„Дојдов да му помогнам на клубот и ако проблемот е тренерот, подготвен сум да заминам, нема никаков проблем“, изјавил Конте, пренесе Би-би-си.
Не сакаше да зборува за натпреварот.
„Не сум навикнат на оваа ситуација. Пробувам се, но ситуацијата не се менува. Достапен сум за клубот да прави што сака. Сакам да помогнам, работам многу, работам многу. На Тотенхем му давам 20 часа дневно, а останатите четири ги спијам, но тоа не е доволно“, изјави италијанскиот тренер.
„Играта може да биде добра, посветеноста е добра, но ние загубивме. За мене таа ситуација е неприфатлива. Губење на четири од петте натпревари во Тотенхем мора да е катастрофа. Дојдов да се обидам да ја поправам ситуацијата. Можеби не сум толку добар во моментов за да ја поправам. Премногу сум искрен за да ги затворам очите и да продолжам вака. Дефинитивно ќе разговарам со клубот за да се обидам да го најдам најдоброто решение за да му помогнеме на тимот. Сега е вистинско време за проценка. Повторувам, многу сум фрустриран“, додаде тој.
Поранешниот тренер на Јувентус, Челси и Интер го презеде Тотенхем во ноември и го предводеше (досега) тимот на 22 натпревари.
Неодамна се шпекулираше дека не е задоволен од ситуацијата која ја затекнал во клубот.
Тој се обиде да се огради од некои критики кои ги упати во изјава за „Скај Италија“, велејќи дека преведувачот не преведувал добро.
Тотенхем е осми на табелата со седум бода помалку од четвртото место, последно кое води во Лигата на шампионите.
„Во последните пет натпревари играме како да се бориме за опстанок. Тоа е реалноста. Можеби нешто не е во ред. Сакам да преземам одговорност, отворен сум за секоја одлука. Имам амбиции, мразам да губам. Во овој момент не е во ред да земам плата Сакам да му помогнам на Тотенхем од првиот ден, но четири порази во пет натпревари… Ова е прв пат во мојот живот да ми се случи вакво нешто“, изјави Конте.
„Можеме да завршиме како 10-ти или 12-ти или 13-ти. Можеме да завршиме на истата позиција во која бевме кога дојдов јас“, додаде тој.
Запрашан дали ќе го води тимот на саботниот натпревар против Лидс, Конте го напушти интервјуто без одговор.