Менаџерот на Челзи, Антонио Конте уште еднаш рече дека дури ни за момент не помислувал да го напушти клубот. Италијанецот сепак е свесен дека судбината на еден тренер зависи од резултатите, а во моментов тие не се добри.
„Мислам дека табелата зборува доволно добро сама по себе. Ако имаш толку поени, значи толку си заслужил. Во Премиер лигата има еден тим во фантастична форма и не е лесно да го следиш“, изјави денеска тренерот на „сините“.
„За момент, не помислив на можноста да го напуштам овој клуб. Во фудбалот судбината на тренерите зависи од резултатите. Во моментов, нашите се лоши, па мораме да бидеме внимателни“, рече Конте.
Италијанецот додаде дека нема да може да се потпре на повредениот Алваро Мората.
„Тој нема да биде подготвен, но Жиру тренира и ќе биде на располагање. Играчи како Мората, кои за нас се многу важни, пропуштија доста натпревари. Тој има проблем и ние не успеваме да најдеме начин како да се справи со неговите болки“.
Запрашан дали жали за одлуката Мичи Батшуаи да биде позајмен на Борусија (Дортмунд), Конте одговори: „Сега пазарот е затворен. Ние го зедовме тоа решение и сега не е важно да зборуваме дали можеше да се направи нешто друго. Сега треба да ја завршиме сезоната на најдобар можен начин“.