Димитрис Јанакопулос, сопственикот на Панатинаикос, зборуваше за многу кошаркарски теми за време на гостувањето во подкаст.
Познато е дека ПАО во последните две сезони значително го зголеми буџетот и донесе бројни европски и светски ѕвезди, а Јанакопулос во оваа прилика се осврна и на актуелниот МВП во НБА-лигата, Никола Јокиќ.
Секако, контроверзниот сопственик на Панатинаикос би сакал некогаш во својот тим да го види српскиот центар, но ваквото сценарио е навистина нереално.
„Престанав да гледам НБА по Мајкл Џордан и тој (Јокиќ) е причината зошто повторно гледам. Да, кога би можел, би го додал во мојот тим, а би сакал и порано да го потпишев со Теодосиќ. Мислам дека последниот договор на Јокиќ беше 120 милиони долари, така што мислам дека тоа не е возможно, но би го сакал“, изјави Јанакопулос во подкастот „Best in class“.
Што се однесува до Теодосиќ, тој моментално е во Црвена звезда каде најверојатно ќе ја заврши играчката кариера, а во минатото настапуваше за Олимпијакос, но не и за Панатинаикос.